Отворањето на меѓуграничниот промет и престојувањето на плажите и во угостителските објекти во земјите од регионот ќе продолжи според основните мерки за заштита од заразата
Земјите во Европа и на Балканот почнаа да ги отвораат границите, по неколкунеделната изолација поради спречување на ширењето на коронавирусот. Почетното отворање на државните граници е за граѓаните од соседните земји, а покрај близината и големата поврзаност, како услов се зема и тоа што епидемиолошката состојба во соседните земји е слична, ако се земе предвид бројот на новозаразените лица со коронавирусот. Отворањето на меѓуграничниот промет ќе продолжи да се одвива според основните мерки за заштита од заразата. Пред неколку дена Европската комисија предложи постепено и усогласено отворање на границите и укинување на контролите, кај земјите во кои има еднаков низок број на инфекции. Но и главниот мотив е што се сака да им се помогне на земјите за одржување на туристичкиот сектор, кој во некои земји од ЕУ учествува со десет отсто од економската активност. Овие мерки се следени и од балканските земји.
Словенија е првата европска земја што прогласи крај на епидемијата на коронавирусот. Националниот институт за јавно здравје процени дека сите показатели покажуваат дека ширењето на коронавирусот се смирило, односно дека се регистрирани вкупно 35 нови случаи на инфекција во последните 14 дена. Во добра „здравствена состојба“ е и Црна Гора, која дозволи отворање на туристичките капацитети и на плажите. Од вчера на целата територија се дозволени патничкиот сообраќај и такси-превозот, а од понеделник и јавниот патнички и железничкиот превоз. За учесниците во јавниот сообраќај продолжуваат да важат препораките за носење заштитна маска, освен во случаи кога во возилото се членови од потесното семејство, пишува РТЦГ.
Хрватска неформално ги отвори своите граници за туристите пред четири дена, пишува загрепски „Јутарњи лист“. Министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ најави дека ќе се донесе одлука за туризмот на ниво на Европската унија. Некои гости што имаат деловна причина за влез во Хрватска, а кои на граница докажале дека имаат резервирано туристичко сместување во Хрватска, всушност влегле во земјата без никакви проблеми. Хрватската влада најавува и преиспитување на одлуката со која товарниот сообраќај со Босна и Херцеговина беше ограничен на три гранични премини.
Србија ќе ги отвори своите граници целосно од 1 јуни, но со четири околни земји, Македонија, Албанија, БиХ и Црна Гора. Оваа одлука е донесена затоа што ниту една од овие земји не беше во фокусот на коронавирусот. За туристите и за сите оние што сакаат да влезат во Србија се потребни соодветна документација и процедура. Странците мора да имаат одобрение од владина комисија, кое се добива во српските амбасади во странство и со тоа одобрување мора да имаат и ПЦР-тест не постар од 72 часа, тоа е сегашниот режим кон странците. За граѓаните на соседните земји, вклучувајќи ја и Македонија, за влез во Србија нема да бараат каков било документ или пак тест за коронавирусот.
Грција почна да ги олеснува рестриктивните мерки на 4 мај, а од денеска ќе отвори 515 плажи за да се подготви за туристичката сезона за време на пандемијата на коронавирусот. Голем број рестриктивни мерки ќе се применуваат на плажите. Поради препораката за физичка дистанца, на 1.000 квадратни метри ќе бидат дозволени 40 посетители, забрането ќе биде служење алкохол, како и спортски активности. Растојанието помеѓу чадорите ќе биде четири метри, нема да има маси во рестораните и баровите, но гостите ќе можат да купуваат храна и пијалаци од шанковите и да ги консумираат на нивните лежалки.