На граничната полиција на Босна и Херцеговина ѝ недостигаат повеќе од 1.000 полицајци за успешно да одговори на мигрантската криза, по зголемениот притисок поради илегални преминувања на границата со Србија и со Црна Гора. Директорот на граничната полиција, Зоран Галиќ, вели дека од почетокот на годината биле спречени 4.880 лица што нелегално ја поминале границата, а во исто време има и зголемен број обиди од мигрантите да влезат на територијата на Хрватска.
– Се соочуваме со сѐ поголем број задачи. Најголем предизвик е спречувањето на незаконската миграција. Годинава се соочуваме и со глобалниот проблем со пандемијата на коронавирусот. Имаме постојан недостиг од кадровски и материјално-технички капацитети, што влијае на дополнителните напори на постојниот полициски кадар – изјави Галич, за „Глас Српска“.
Олабавувањето на мерките против ширењето на пандемијата и отворањето на границите повторно ги заживеа мигрантските маршрути. Во јуни полицијата откри повеќе од 1.000 мигранти, кои се обидувале нелегално да влезат во Македонија. И граничната агенција на ЕУ, Фронтекс, бележи зголемување на бројот на мигрантите, кои се обидуваат да стигнат до ЕУ, по падот во април. Само во првите девет дена од месецов МВР откри 878 илегални мигранти, од кои најголем дел биле откриени на јужната граница со Грција. Тоа е двојно повеќе во споредба со истиот период лани, објави Радио Слободна Европа.
И граничната агенција на ЕУ, Фронтекс, бележи зголемување на бројот на мигрантите што се обидуваат да стигнат до ЕУ. Најактивна маршрута, според Фронтекс, е она од Турција кон Грција.
Во извештајот на агенцијата на ЕУ се наведува дека во мај имало 4.300 илегални преминувања на границите преку главните мигрантски маршрути во Европа, што е зголемување за трипати во однос на претходниот месец. Преку западнобалканската маршрута во мај, биле регистрирани над 900 илегални минувања, што е 10 пати повеќе во споредба со април.