Поради зголемениот број на заразени лица од коронавирусот, во земјите од регионот се воведуваат нови мерки за спречување на ширењето на епидемијата. Поради новите ограничувачки мерки во Словенија, двојките не можат да стапат во брак додека не се смири епидемијата, освен во „итни и неопходни“ случаи, а министер во владата на Јанез Јанша ја наведе бременоста како оправдана причина за итна венчавка.
Црна Гора воведе низа нови мерки за спречување на понатамошното ширење на коронавирусот. Освен воведувањето полициски час, кој важи од 21 до 5 часот наутро, Владата објави детален список на мерки според кои носењето заштитни маски е задолжително на отворено и во затворено низ цела Црна Гора, вклучувајќи и деца постари од пет години, освен на плажи и во национални паркови, подложени на физичко растојание и други пропишани мерки.
Меѓуградскиот сообраќај на патници е забранет од петок од 21 часот до понеделник во 5 часот. Како што е наведено од Владата, забрането е и собирање во станбени згради за лица што не се членови на заедничко семејно домаќинство, освен за лица што се грижат за друго лице.
Грција одлучи да се затворат основните училишта, градинките и детските центри во услови на зголемување на бројот на заразени со коронавирус. Во училиштата наставата ќе се следи онлајн. Средните училишта се веќе затворени и наставата се одвива на далечина. Повеќето европски земји ги држеа училиштата отворени за време на вториот бран на ковид-19, кој го погоди континентот од септември, за разлика од март и април, кога училиштата беа затворени со првите мерки. Од петокот, во цела Грција е воведен полициски час од 21 до 5 часот.