Влијанието на тероризмот во земјите од регионот е во намалување, но илегалното складирање на 6,8 милиони парчиња оружје е постојана закана за безбедноста на граѓаните на Балканот
Тероризмот останува значаен и сериозен проблем во многу земји, наспроти намалувањето на неговото влијание во земјите од Западен Балкан и целиот свет во 2019 година, е оцената на Институтот за економија и мир во извештајот „Глобален индекс на тероризмот во 2020: Мерење на влијанието на тероризмот“. Хрватска, Косово и Словенија (заедно со Исланд, Португалија и Романија) се најдобро рангирани држави во Европа и се меѓу најсигурните земји во светот, во кои влијанието на тероризмот е минимално. Следуваат Србија, Македонија, Црна Гора и Албанија. Во Босна и Херцеговина е забележан најголем пад на терористичкото влијание од сите држави во светот. Лани во 63 земји е регистрирана најмалку по една смрт од терористички напади, додека во 17 се регистрирани повеќе од 100 смртни случаи од тероризам, пренесува Радио Слободна Европа.
Во истиот извештај се наведува дека по воените судири во 1990 година, на Западен Балкан има „зачувано“ околу 6,8 милиони парчиња од малокалибарско и лесно вооружување. Покрај опасноста од небезбедно складирање и од можни експлозии, постои висок ризик и од дејствување на организиран криминал во регионот, како и од враќање на терористичките борци од распуштените боишта во светот. Експертите за безбедност предупредуваат на можноста од грабнување на скриеното оружје, со кое може да се вооружат помали терористички групи. Во извештаите на националните безбедносни служби редовно се посочува на можните ризици за користење на илегалното оружје. Иако земјите изразуваат подготвеност дека можат сами да се соочат со овој проблем, повеќето од нив не преземаат никакви мерки за заштита на безбедноста на граѓаните.
Европската Унија, но не и земјите од Западен Балкан, најмногу работи на решавањето на прашањето на малокалибарското и лесно оружје. Босна и Херцеговина забележала најголем напредок во оцената за минатата година. Севкупно, од 2002 година влијанието на тероризмот во БиХ се намалило. Од 24 напади во 2002 година, ниеден не е дело на познати терористички групи. Пет напади се поврзуваат со муслиманските екстремисти и еден со вахабитското движење. Од 2002 до 2009 година имало седум смртни случаи, а лани немало ниеден.
Босна и Херцеговина, според индексот на влијание на тероризмот, се наоѓа на 96-то место во светот, со вкупно 164 земји. Авганистан е на првото место во светот. Србија е на 128-то место, Македонија на 123-то, Црна Гора на 107-то место, додека Албанија е на 95-то место.
По терористичкиот напад во Виена, во кој учествуваше австриски државјанин од албанско потекло, чие семејство живеело во Македонија, медиумите пренесоа сознанија на безбедносните служби на Австрија за тоа дека „Виена одамна е центар на џихадистите од Балканот, но и од Кавказот. Како слаба алка во австрискиот одбранбен систем од радикалните исламски следбеници се посочуваат затворите во земјата, каде што се регрутираат нови џихадисти. Владата во Виена по нападот во Париз најави формирање „работна група“ за справување со „опасноста од формирање паралелни општества“. Виенското здружение ДЕРАД има цел да ги одврати радикализираните муслимани од џихадизам во затворите и да спречи муслимански младинци да навлезат во сцената на политичкиот ислам, се посочува во текстот на „Дојче веле“.
Исламската држава со години регрутира џихадисти на Балканот, а жариштата се Санџак во триаголникот Босна и Херцеговина, Србија и Косово, како и соседните земји. Пропагандни видеа на ИД се насочени кон млади мажи на Балканот. Нивните борбени имиња го означуваат нивното потекло: Ал-Босни, Ал-Косови, Ал-Албани, како што се нарекуваат самите. Визијата на радикалите е да го интегрираат Балканот во калифатот што треба да се создаде. Нивните траги секогаш одново водат и кон Виена, пишуваше во анализата на „Дојче веле“.
Минатиот месец во близината на селото Кончуљ, на југот на Србија, во областа на Бујановац, беа пронајдени девет контејнери со ракети за рачен фрлач, противтенковски мини, пешадиска муниција, маскирни униформи, а српските безбедносни служби претпоставуваат дека се дел од оружјето што останало од воениот конфликт на Косово. Пред две децении во овој реон дејствуваа групите на Ослободителната војска на Прешево, Бујановац и Медвеѓе.
Генерал-потполковникот во полицијата во пензија Обрад Стевановиќ во разговор за „Политика“ вели дека не може да се каже дека долгорочно е отстранета можноста за терористичко дејствување на албанските екстремистички групи во овој дел на Србија. Според неговите сознанија, некои од демилитизираните единици на ОВПБМ се повлекле на територијата на Косово и сега се стационирани во Гњилане, со можност да дејствуваат на територијата на југот на Србија, во општините со доминантно албанско население.