Земјите од Балканот се соочуваат со големи пожари, кои на површина ја исфрлија слабоста на системите за заштита од елементарни непогоди
Во периодот на висок топлински бран, балканските земји се соочуваат и со појавата на неколку големи пожари, кои зафатија простори со шуми и пасишта. Во Турција, Грција и во Македонија огновите се приближија и до големите урбани центри, поради што беше неопходно да се евакуираат и граѓаните. Годинава пожарите ја покажаа својата надмоќност над луѓето, но ја исфрлија на површина и неорганизираноста на службата за превенција и спречување на ширењето на огновите. Турската влада се соочи со сериозни критики поради неможноста ефикасно да се справи со пожарите, а јавноста во Македонија реагираше и на неподготвеноста на домашните институции и за непоседувањето на авиони за гасење пожари.
Грчките пожарникари, кои во текот на изминатите два дена се борат со големиот шумски пожар во подножјето на Парнас, во близината на Атина, се обидуваат со натчовечки напори да ја стават под контрола огнената стихија. Повеќе од 500 пожарникари, со поддршка на хеликоптери и авиони, работеа на гасење, а густ чад стигна и до централните делови на Атина. Високите температури, кои деновиве достигнаа над 45 Целзиусови степени, ја отежнуваа акцијата на грчките пожарникари.
– Ситуацијата е подобра и се надеваме дека пожарот ќе биде ставен под контрола во наредните часови – соопштија вчера попладне од противпожарната служба на Атина.
Премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис, го посети селото Варибоби, 30 километри северозападно од Атина, каде што има најголема штета од шумските пожари. Десетина куќи изгореа, а голем број објекти претрпеа голема штета. Повеќе од 300 луѓе беа евакуирани од Варибоби и уште две околни села.
Големите шумски пожари во Турција беснеат повеќе од една недела. Силниот ветер и екстремната горештина постојано го разгоруваат огнот. Досега големите пожари, од кои се погодени туристичките региони Анталија и Мугла, можеа да бидат ставени под контрола само делумно. Десетици села и хотели се евакуирани, голем број месно население и туристи со бродови се однесени на сигурно.
Штетите веќе сега се огромни. За девет лица помошта стигна предоцна, голем број луѓе се повредени. Од многуте куќи, пред сѐ во Манавгат, град во провинцијата Анталија, остана само пепел. Од почетокот на годината, според наводи на турските власти, веќе е уништена површина од 2.138 хектари.
Актуелните пожари важат за најлоши во Турција во последната деценија. Сепак, екологот и експерт за пожари Исмаил Бекар додава и дека треба да се има предвид оти годинава вниманието на медиумите е поголемо.
И лани имаше големи пожари во Турција. Но пожарите годинава се поприсутни во медиумите, па многу луѓе мислат дека одеднаш сѐ е во пламен – вели тој за „Дојче веле“.
Освен загриженоста, кај населението расте и незадоволството од кризниот менаџмент на Владата. Според Министерството за земјоделство и шумарство, во акција на гасење на пожарите има само шест турски авиони. Покрај нив, ангажирани се и 45 хеликоптери. Сепак, критичарите укажуваат дека најголемиот дел европски земји со медитеранска клима се подобро опремени.
Минатата недела во период од четири дена имало четири пожари во пошумениот дел на градскиот парк во Подгорица. За поголемиот дел пожари што избиваат во летните месеци на територијата на Црна Гора, најчесто во централниот дел на приморјето, локалните власти сметаат дека се подметнати.
– Ме изненадува тоа што пожарот што избувна на 30 јули не беше изгаснат навреме. Тажна бев поради тоа што слушнав дека не можело веднаш да биде изгасен затоа што немало вода во хидрофорите, кои таму се ставени со години. Зошто служат тие – вели Јелена Нелевиќ, жителка на Подгорица, за Радио Слободна Европа.
Македонија, исто така, беше зафатена од неколку пожари, а најкритично беше во приградските населби на Кочани, каде што беа опожарени две куќи. Поради непоседување на авиони за гасење пожари, од македонската влада беше побарана помош од соседните земји. На повикот веднаш реагираше Србија, која испрати неколку хеликоптери за гасење на пожарите во македонските места. Вчера премиерот на Бугарија, Стефан Јанев, најави дека ќе испрати помош во Македонија за справување со пожарите, објави новинската агенција БГНЕС. Помошта ќе стигне преку механизмот за заемна помош, а бугарските екипи ќе помогнат во справувањето со пожарите кај Кочани и Делчево. Таа ќе се состои од 25 пожарникари, три противпожарни возила и две амбулантни возила.
Бугарскиот медиум потсетува дека Јанев во телефонски разговор со премиерот Зоран Заев најавил дека Бугарија е подготвена да им помогне на своите соседи за гасење на пожарите.