Население колку за една држава помалку на територијата на поранешна СФРЈ
Трендот на намалување на населението е присутен во сите држави во регионот што се должи на негативниот природен прираст како и на постојаните бранови иселувања. Каква е состојбата во Македонија?
На просторот на некогашната држава, која се протегаше од Вардар па до Триглав, денеска живеат околу два и пол милиони луѓе помалку отколку во 1991 година, кога всушност почна и распадот на СФРЈ. Најголемо губење на населението претрпела Босна и Херцеговина, земја во која секој трет брак бил мешовит, а во Македонија, поради прекинување на процесот за попис во 2011 година, нејасно е колкав е природниот прираст на Македонците и која е вистинската бројка на популацијата во државата како и застапеноста на малцинствата.
Ова го пишува белградска „Политика“ во своја анализа посветена за миграциските движења во изминативе години на просторите на поранешна Југославија притоа користејќи податоци од отсекот за демографија на Факултетот за географија при Универзитетот во Белград.
Како што наведува белградскиот весник, во Србија денеска живеат помалку од 7 милиони жители, официјален податок според Републичкиот завод за статистика на Србија, притоа објаснувајќи дека во историјата гледано наназад никогаш во земјата немало толку малку српско население како денеска.
– Речиси сите поранешни републики на СФРЈ денеска имаат негативен природен прираст, односно во нив повеќе луѓе умираат отколку што се раѓаат. Статистиката исто така сведочи дека во Србија е најнизок природниот прираст во однос на сите други југословенски републики. Од 169 општини во Србија во само шест од нив во текот на изминатата година имало позитивен природен прираст и тоа во Нови Пазар, Бујановац, Сјеница, Нови Сад, Прешево и Тутин. Сите со исклучок на најголемиот град во Војводина се со поголем дел албанско и бошњачко население – пишува „Политика“.
Во споредба со Србија, во втората најголема држава од просторите на поранешна Југославија, Хрватска, која доби своја независност, но изгуби голем број луѓе во војните во 1990-тите, денеска живеат 658.565 жители помалку од 1991 година. Тамошните политичари предупредуваат дека бројот на жители е паднат и тој изнесува помалку од 4 милиони, а демографите истакнуваат дека Хрватска секојдневно ја напуштаат околу 180 луѓе.
Иако Хрватска го оствари својот сон за независност, хрватските демографи, според „Политика“, проценуваат дека од неа досега се иселиле дури 22 пати повеќе луѓе отколку што загинале во таканаречената татковинска војна, која траеше од 1991 до 1995 година. Првиот егзодус по војната доаѓа токму во 2013 година, кога Хрватска влегува во Европската Унија каде што, според статистичарите, само во Германија за време на 2017 година се иселиле вкупно 56.265 луѓе, седум пати повеќе од 2012 година. Покрај иселувањето, плачот на бебињата во родилиштата е сѐ потивок, а апелите на политичарите се да се престане со иселувањето и да се почне со раѓање.
Ваквите фрапантни податоци за белата чума на овие простори се однесува и на Словенија, иако во оваа земја во овој момент живеат околу 100.000 луѓе, пак, повеќе отколку на почетокот од деведесеттите, но оваа бројка, според српскиот весник, не се однесува на природниот прираст на тамошното население, туку на доселувањето на населението во Словенија во текот на изминатите години, кое претежно е од БиХ и од Србија.
Како што пренесува српскиот дневен весник, во Словенија денеска живеат околу 100.000 Словенци помалку во споредба со деведесеттите години, каде што демографите во исто време истакнуваат дека причина за ваквиот податок е тоа што жителите од оваа поранешна југословенска република емигрираат со години на Запад како висококвалификувана, но и нискоквалификувана работна сила, алудирајќи притоа на лекарите, ѕидарите и другите општи работници.
Иако Косово во моментов има најголем природен прираст во Европа, бројот на родени бебиња во овој регион паѓа од година на година, а расте бројот на млади, кои за корка леб заминуваат во Западна Европа. Ако на тоа се додаде и големиот број бегалци од Косово, јасно е поради што во оваа поранешна српска покраини денеска живеат дури 157.690 жители помалку отколку во 1991 година.
Во меѓувреме Босна и Херцеговина, како што наведува „Политика“, ги претрпи најголемите воени загуби каде што процените се дека околу 100.000 луѓе ги загубија своите животи во војната. Денеска БиХ е загрижена од бројките на иселување на младите поради економските лоши политики во земјата.
Во однос на Македонија, белградскиот весник пишува дека со оглед на бојкотот на албанското население за време на пописот во 2011 година во земјава, сѐ уште не постојат егзактни бројки за вкупното население во земјава. Демографите во исто време потсетуваат дека Албанците, кои претставуваат од 20 до 25 отсто од населението на Македонија го подигаат природниот прираст на земјава. Македонија нема спроведено попис речиси 16 години, а последниот обид за пребројување на населението беше прекинат пред 7 години. Тогаш пратениците од владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ гласаа за Законот за престанување на важење на пописот на што опозицијата се противеше.
Дончо Герасимовски, демографски аналитичар и поранешниот директор на Заводот за статистика, во анализа за „Нова Македонија“ тврди дека Владата мора да спроведе попис на населението според меѓународни критериуми и стандарди, а податоците ќе им овозможат на државните институции, академскиот свет и на граѓанскиот сектор вистинска анализа и креирање реални политики во секоја сфера.
На крајот, кога се набљудува виталната статистика во регионот, се согледува дека најголеми вредности на природниот прираст се бележат во оние подрачја во кои се мнозински албанското и бошњачкото население, меѓутоа, како што наведе и српскиот весник, не треба да се заборави дека Албанките но и Бошњачките минуваат низ процес на демографска транзиција односно се преселуваат од селата во градовите и раѓаат помалку деца во однос на нивните мајки и баби.