Надворешните и безбедносните политики на сите шест земји од Западен Балкан во голема мера се под влијание на ЕУ, со исклучок на Србија, која се обидува да биде „неутрална“ во односите меѓу Брисел и Москва
На државите од Западен Балкан целта им е членство во Европската Унија и декларативно на прифаќаат глобалната стратегија на Унијата, како и нејзините цели. Процентот на усогласеност на надворешните политики е различен од земја до земја и зависи од степенот на напредокот во европските интеграции, покажува анализата на независната германска фондација „Фридрих Еберт“, која е блиска на Социјалдемократската парија на Германија (СПД).
Усогласеноста со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, со декларациите и одлуките на Советот на ЕУ, кај земјите од регионот се движи од 53 до сто проценти. Најмало „поклопување“ на политиките има кај Србија, со 53 отсто, во Босна и Херцеговина тоа достигнува до 67 отсто. Кај Македонија се забележува висок процент на усогласеност, од 86 отсто, додека Албанија и Црна Гора целосно се согласуваат со политиките на ЕУ.
Во текстот на анализата, кој го пренесува „Данас“, се констатира дека надворешната политика е еден од прерогативите на државите и еден од симболите на националната политика, па, оттука, следењето на усогласеноста на кандидатите за членство во европската заедница со надворешната европска политика е еден од показателите за постоење на вистинска желба и подготвеност за интеграција во ЕУ, особено кога се прашања од највисок државен интерес. Во студијата се нагласува дека сите шест земји од Западен Балкан меѓу своите надворешнополитички приоритети ги ставаат добрососедските односи и регионалната соработка, а односите во регионот во голема мера се под влијание на ЕУ, но тие се многу подобри од порано, иако и натаму се оптоварени со отворени прашања и со повремени тензии.
Србија ја поддржува глобалната стратегија на ЕУ и во 2019 постигна усогласеност со заедничката европска надворешна политика од над педесет проценти, но се забележува опаѓање. Пред шест години оваа земја имаше остварено 89 отсто, а во 2018 година 52 отсто. Како главна причина се наведува несогласувањето на Србија со одлуките и рестриктивните мерки на ЕУ кон Русија и Венецуела. Авторите на анализата наведуваат дека Србија од принципиелни причини го поддржува територијалниот интегритет на Украина, но затоа не се приклучува на санкциите кон Русија. Разликите во политиката на воена неутралност, која се промовира од Белград, не се пречка за нејзина активна соработка со НАТО.
„Иако определеноста за европските и НАТО-интеграции не е тема на оваа анализа, може да се заклучи дека доминира подготвеноста на Србија за соработка со други безбедносни актери, како Русија, Белорусија, или со организации за колективна безбедност што се под влијание на Москва, што претставува фактор за надворешнополитичко несогласување и тензии на релациите со ЕУ. Последните години Србија ги интензивира односите со Кина и со Турција“, пишува во анализата на германската фондација.
Во компаративната анализа се укажува на тоа дека степенот на усогласеност не зависи од приближувањето на некоја земја кон членството во ЕУ. И самата европска заедница поинаку ги вреднува и распоредува политичките приоритети во процесот на приближување, во зависност од нејзиниот специфичен контекст. Во овој момент процентот на усогласеност во надворешната и безбедносната политика повеќе се користи како „индикатор“, отколку како врвен приоритет во односите со државите од Западниот Балкан.
Се чини дека ова најдобро се гледа низ случајот со Македонија и преговорите со Грција за спорот за името. Долги години оваа тема се наоѓаше во пониските приоритети во европската надворешна политика, поради што отсуствуваше и посилен притисок врз двете преговарачки страни. По потпишувањето на Преспанскиот договор се надминаа несогласувањето во надворешната политики на Македонија и ЕУ, со што се отвори и процесот за зачленување на нашата држава во НАТО. Ова значеше и скок на усогласувањето со политиките со ЕУ на високите 86 отсто. Во однос на другите прашања од надворешнополитички и безбедносен карактер, Македонија речиси во чекор ги следи „препораките“ од Брисел. Но последната недела се забележува и извесен „притисок“ врз Македонија, која во европските документи се „повикува“ да го надмине билатералниот проблем со Бугарија, која го оспорува постоењето на македонскиот јазик, а што во исто време претставува и негирање на посебноста на македонската нација.
Во однос на Босна и Херцеговина, неусогласеноста со надворешната политика со ЕУ произлегуваше од различните ставови и погледи меѓу етничките заедници за пристапување на БиХ кон НАТО. Република Српска долго време се противеше на прифаќањето на акцискиот план за соработка со Северноатлантската алијанса, прифаќајќи ја политиката на Белград за воена неутралност. Овде може да се споменат и блиските односи на власта во Бања Лука со Русија, но и традиционалната поврзаност на Сараево со Турција. Кај Црна Гора и Албанија, како што е наведено во анализата на „Фридрих Еберт“ поклопувањето на надворешните политики со ЕУ е стопроцентно.