Во Сараево почна да работи дигиталната онлајн-платформа „Босански атлас на воени злосторства 1992-1995“, која нуди податоци за настаните и за сите жртви од војната во Босна и Херцеговина. Во атласот можат да се најдат имиња, места на логорите, масовни гробници, податоци за разурнување, кои даваат најцелосен преглед за страдањата во БиХ, а целта е да се спречат манипулациите со фактите и со бројот на жртвите, објави Радио Слободна Европа.
– Босанскиот атлас за воени злосторства претставува борба за минатото, односно за тоа дали односот кон војната ќе се темели со факти или ќе се гради манипулативен, политички и идеолошко обоен митски наратив – вели авторот Мирсад Токач, директор на Истражувачко-документарниот центар од Сараево.
На онлајн-платформата што е достапна на www.mnemos.ba можат да се најдат имиња, но и околностите на страдањето и статусот на околу 100.000 жртви во војната во БиХ, како и места на масовни гробници, уривање културни и верски објекти. Сево ова е проследено со соодветна документација, фотографии, видеозаписи, како и судски пресуди.
– Со ова сакаме да се соочиме со минатото врз основа на несоборливи, проверливи и достапни факти, бидејќи оние што манипулираат со фактите сакаат да ги затворат информациите и граѓаните да не можат да проверат за што се работи. Војната не донесе страдање само за една страна. Ова е земја во која страдаа нејзините граѓани – објаснува Токач.