Грција

Грчката влада, до 31 октомври, мора да биде и ќе биде подготвена за веројатноста Обединетото Кралство да излезе без договор, за потресите во грчката економија и односите меѓу двете земји да бидат колку што е можно помали, вели алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милитиадис Варвициотис за грчката новинска агенција АНА-МПА.

Во грчкото МНР се одржа состанок со надлежните министерства, а Варвициотис вели дека целта е да се подготват сите грчки државни институции за брегзит без договор.
– Постои листа со стотици нерешени прашања што треба да ги разгледаме во случај на брегзит без договор и да преземеме законодавни иницијативи за навремено да се справиме со нив. Поради тоа треба да бидеме подготвени така што на 31 октомври, што е крајниот датум за преговорите, Грција да не биде неподготвена – објаснува алтернативниот министер за надворешни работи на Грција во изјавата за АНА-МПА.
Варвициотис додава дека Грција треба да работи за да биде подготвена за сите аспекти на брегзит без договор.