Советникот на косовскиот премиер Рамуш Харадинај и владин претставник во преговорите со Србија, Авни Арифи, изјави дека Владата на Косово попрво самата ќе падне, одошто да ја повлече одлуката за 100 отсто такса за производите од Србија и Босна и Херцеговина.
Арифи изјавата ја даде за порталот „Лајми“, одговарајќи на прашањето како ќе постапи Владата по барањето на американскиот државен секретар Мајк Помпео за укинување на таксата за увозот од Србија и БиХ.
– Не, нема да ја повлечеме одлуката. Попрво ќе падне Владата одошто да се повлече таксата од 100 отсто кон Србија – изјави советникот на Харадинај.
Американскиот Стејт Департмент објави денеска дека Помпео, на средбата со косовскиот претседател Хашим Тачи, ги повикал властите во Приштина да ја укинат таксата од 100 отсто кон Србија и БиХ и да работат на нормализирање на односите со Белград.