Шефот на преговарачкиот тим на Косово во дијалогот меѓу Приштина и Белград, Авни Арифи, порача дека суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово не можат да се повредат од никого и во никој случај, пренесе МИА.
– Ниту метар косовска земја за ниедна цена. Непријатно е замрзнувањето на конфликтот. Непријатни се несигурноста и постоечката ситуација. Но, ништо нема да предизвика губење на ниту метар од Косово. Суверенитетот и територијата на Косово се неповредливи од никого по никоја цена. Ниту сега ниту било кога – напиша Арифи на Фејсбук.
Реакцијата на Арифи уследи по изјавата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дека „макар и еден метар од Косово“ да се врати на Србија, ќе го смета за успешен резултат на преговорите со Приштина.
– Барем еден метар од сето она што го изгубија (поранешните српски власти) успееме да вратиме, тоа е добиток, бидејќи денеска немам ништо, благодарение на оние кои до 2012-та ставија потпис на независноста на Косово – им изјави вчера Вучиќ на новинарите во Белград.