Апликациите за мобилни телефони за откривање на радарските контроли може да бидат многу опасни за самите возачи и за нивните сопатници, затоа што им даваат лажна сигурност
Министерството за внатрешни работи на Србија ќе се приклучи кон меѓународната акција за засилена контрола на брзината со кои управуваат возачите. Акцијата ќе се спроведе од 12 до 18 август, а во неа учествуваат 29 држави-членки на организацијата ТИСПОЛ (Мрежа на сообраќајните полиции во Европа).
Припадниците на сообраќајната полиција на Србија ќе ги користат сите расположиви уреди за мерење на брзината, рачни и радарски системи, видеонадзор и апаратите за мерење на брзините во т.н. автомобили пресретнувачи. Исто така, на автопатите во земјата ќе се мери и просечната брзина на движење на возилата. Овие контроли ќе се прават и во текот на ноќта.
Полицијата по запирањето на возачите, кои ја пречекориле дозволената брзина ќе проверува и дали возилото се управува под дејство на алкохол.
Од српското министерство за внатрешни работи нагласуваат дека брзината била една од причините за половина сообраќајни незгоди, кои се случиле во земјата за седумте месеци во 2019 година.
Од почетокот на годината до петти август во сообраќајните несреќи во Србија загинале 292 лица, што е за 19 повеќе од истиот период лани. Во овој период биле регистрирани 11.500 повредени и тоа е намалување од пет отсто. Директорката на Агенцијата за безбедност во сообраќајот, Јасмина Милошевиќ, вели дека во текот на летото се случуваат 40 отсто од вкупниот број сообраќајни незгоди, што се должи на зголемениот број возила на патиштата во текот на овој период од годината.
– Претходната година имавме 28 отсто повеќе возила на нашите патишта – вели Милошевиќ, во изјава за „Танјуг“.
Медиумите во Србија ја пренесуваат информацијата дека несовесните возачи сѐ повеќе ја користат мобилната апликација, која ги детектира и ги лоцира местата каде што се поставени радарите. Покрај локациите, овие апликации овозможуваат и звучно предупредување за возачите за присуство на полиција на одредени места, а секој корисник може и да го внесе местото каде што е поставен радарот.
Сообраќајните експерти предупредуваат дека апликациите на паметните телефони може да бидат многу опасни за самите возачи и за нивните сопатници, затоа што им даваат лажна сигурност. Овие апликации им даваат дополнителна сила на возачите да ја зголемат брзината, а тоа е особено ризично за пијаните возачи.
– Апликациите им го загрозуваат животот на другите учесници во сообраќајот. Се прашувам колу од жртвите во сообраќајот се последица од користењето на новата интернет-технологија – посочува Дамир Окановиќ, директор на Комитетот за безбедност во сообраќајот.