Александар Вучиќ, претседателот на Србија, ќе испрати писмо до сите шефови на држави и влади во кое ќе побара објаснување и одговор на прашањето – како е можно Албин Курти да зборува за обединување на Косово и Албанија, а сите во Европа да молчат за тоа и дали би молчеле и за слични изјави доколку би дошле од Србија.
Српскиот претседател порача дека ниту една политичка инстанца во Европа досега не реагирала за тоа што премиерот на Косово во повеќе наврати го кажува тоа јасно и прецизно. Ниту таканаречените известувачи за Косово и Метохија, ниту било кои други известувачите, никој од Европската комисија, Европскиот парламент, ниту еден од шефовите на држави, влади, министри на земји-членки на ЕУ. Никој не реагираше – истакна Вучиќ.
Тој посочува дека од тие причини, неговото писмо ќе содржи едноставно прашање – дали тоа значи дека така ќе молчат и дека нема да реагираат доколку некој од Белград ќе зборува за обединување со некој друг. Или би реагирале во истите секунди, откако веднаш ќе бидеме пријавени за неодговорни изјави, или би завршиле на клада, како во средниот век… По кој принцип? Дали сè им е дозволено на Албанците, а на Србите им е забрането, прашува Вучиќ.