Меѓународниот ден на детето – 1 јуни, денеска беше одбележан во Албанија со детска парада, но и со протести.
Парадата, во која учествуваа ученици, беше одржана на главниот булевар во Тирана, во ист момент кога претставници на многу граѓански организациии за заштита на децата протестираа против начинот на кој се третираат и образуваат децата.
Албанскиот претседател Илир Мета во градината на претседателската резиденција прими деца и претставници на граѓанското општество, кои му врачија петиција насловена „Обрнете внимание на децата“.
– Ќе ја прочитам оваа петиција со големо внимание и верувам дека и последниот извештај на „Спасете ги децата“ претставува аларм за сите нас – државните институции, граѓанското општество, албанските медиуми и семејствата, да почнеме да ги решаваме овие проблеми многу сериозно. Сите заедно, признавајќи, а не криејќи ги или заобиколуввајќи проблемите, одговорно да се ангажираме и да се насочиме кон подобрување на положбата, изјави шефот на албанската држава.
Во извештајот на организацијата „Спасете ги децата“, Албанија е последна од регионот кога станува збор за заштитата на децата, заземајќи го 77 место од 175 земји во светот. Оваа позиција, како што оценуваат медиумите, потврдува дека во Албанија се уште има деца кои „го изгубиле своето детство“.
– Албанија е земја со највисока смртност на доенчиња – 13,5 починати на 1.000 новородени деца, околу 8,5 отсто од албанските деца се надвор од образовниот систем, 5,1 отсто вршат тешки работи за обезбедување основна егзистенција, додека 6,5 отсто малолетни девојчиња се во брак или вонбрачна заедница при што 21,8 отсто станале мајки, 23 отсто од децата до четиригодишна возраст се слабо хранети или гладуваат, а 1,4 отсто е процентот на убиени деца до 18 годишна возраст на 100 илјади- стои во извештајот.
Врз основа на овие податоци Албанија е далеку зад другите балкански земји. Босна и Херцеговина е на 39 место, Србија на 46, Црна Гора на 53 и Македонија на 66 место.