Се продлабочува кризата на политичката сцена во Албанија, откако опозицијата го напушти парламентот, а повиците на меѓународната заедница за дијалог меѓу двете спротивставени страни не дадоа плод.
Според владеjачка Социјалистичка партија на премиерот Еди Рама, „опозицијата со напуштањето на храмот на демократијата настојува силно да му наштети на националниот интерес“.
Во заедничкото соопштение на 26-те коалициски партнери во власта, издадено по завчерашниот состанок, се обвинува опозицијата дека „со реториката и употребата на сила за политички цели се обидува да ја дестабилизира Албанија и да ја врати во 1997/1998 година“.
– Демократската партија и Социјалистичкото движење за интеграција (ЛСИ) преку протести се обидуваат во Албанија да создадат хаос и нефункционирање на институциите на власта. Тие бараат да се повтори она што се случи во земјата во март 1997 и септември 1998 година, кога државата беше во целосен хаос. Сите нивни активности се вперени против националните и стратегиски интереси на Албанија само заради лични интереси на нивните лидери – обвини Таулант Бала, генерален секретар на Социјалистичката партија и координатор на пратеничката група.