Сегашниот албански премиер Еди Рама во 2013 година дојде на власт со ветувања дека ќе се бори против корупцијата и организираниот криминал, сега со истите ветувања за освојување на власта пред парламентарните избори настапува и опозицискиот лидер Љуљзим Баша
Долготрајната демократска транзиција во Албанија, огромната корупција и заморот од долгиот процес за интеграцијата во ЕУ предизвикаа огромна разочараност кај населението кон прокламираните придобивки од демократијата. Неодамнешното истражување покажа дека само 38 проценти од Албанците веруваат дека може да ја сменат владата преку избори. Распространетото незадоволство на Албанците од демократијата и политиката може да го задржи нискиот одзив на гласачите на изборите на 25 април, што би ѝ било од корист на актуелната власт на Еди Рама. Во ваква предизброна атмосфера се одвива политичката кампања пред априлските парламентарни избори во Албанија.
Од демократските промени во 1990 година, земјата во 2006 година успеа да направи видлив напредок со потпишаниот Договор за стабилизација и асоцијација со ЕУ и три години подоцна стана и полноправна членка на НАТО.
Напредокот во борбата против корупцијата и организираниот криминал беше препознаен со одлуката на Советот на ЕУ во 2010 година за укинување на шенгенскиот визен режим за албанските граѓани. Сепак, слободната пазарна економија остана кревка, што ја прави неконкурентна и неприспособлива на глобалната финансиска криза во 2008 година.
До почетокот на 2010-тите, корупцијата во јавната администрација, судскиот систем и владините оддели станаа широкораспространета појава. Недостигот од слобода на изразување и почитување на човековите права исто така претставуваа голема загриженост.
се забележува во анализата објавена на „Балкан инсајт“.
Сегашниот албански премиер Еди Рама и лидер на Социјалистичката партија, во 2013 година дојде на власт со ветувања дека ќе се бори против корупцијата и организираниот криминал и ќе ги реформира здравствените и образовните системи, ќе создаде 300.000 нови работни места и ќе ја забрза интеграцијата во ЕУ. Социјалистичката влада наскоро покажа големи недостатоци кога станува збор за борбата против корупцијата и организираниот криминал. Луѓе со матно минато, па дури и криминални досиеја беа избрани во парламентот и во локалната самоуправа.
Извештајот на американскиот Стејт департмент за дрога и криминална контрола во 2017 година ја сметаше Албанија за значајна извозна земја за марихуана, како и транзитна маршрута за кокаин и хероин наменети за европските пазари.
Нејзината проблематична, но сепак функционална демократија дополнително се деградира кон авторитарното владеење, кое е нетолерантно кон слободата на изразување и слободата на медиумите. Институтот за демократија и медијација, аналитички центар со седиште во Тирана, во соработка со меѓународната организација „Транспаренси интернешнел“, објави извештај во кој се опишува Албанија како заробена држава во која парламентот донесува закони во корист на приватните интереси.
Кога Рама дојде на власт во 2013 година, тој вети дека ќе ги врати демократијата и јавната доверба на изборите. Прислушуваните разговори објавени од германскиот весник „Билд“ откриваат шеми за купување гласови и заплашување на гласачите извршени од социјалистички пратеници, градоначалници и министри.
– По осум години на чело на Владата, албанските гласачи се подготвени да го испратат Еди Рама во политичка пензија. Предизборната атмосфера во Албанија „е во духот за политички промени“, а тоа го покажуваат и истражувањата за јавното мислење. Речиси две третини од граѓаните се за промена на актуелната владејачка гарнитура. Соочен со ваквото расположение, Еди Рама си игра со изјавите за идејата за обединување со Косово, со што ризикува да ја предизвика Србија и повторно да ја отвори Пандорината кутија со балканскиот национализам. Националистичката карта на која заигра Рама ќе има големи последици за регионот – се предупредува во анализата на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии со седиште во Љубљана, ИФИМЕС.
Официјален Вашингтон ги предупреди политичките партии и лидерите да се концентрираат на тоа што е поважно, односно на евроатлантската интеграција на Албанија, која, како членка на НАТО, треба да заборави на евентуалните големодржавни проекти. Новата албанска влада ќе мора да создаде поволен деловен амбиент за вложување во приватниот сектор. Меѓу поважните прашања се имотноправните односи, слабото владеење на правото, раширениот криминал и корупција и неразвиената инфраструктура во земјата.
Аналитичарите сметаат дека Еди Рама генерално ја води земјата во погрешна насока, пред сѐ поради слабите економски услови, кои се манифестираат преку високата стапка на невработеност и пораст на трошоците на живот, додека пандемијата дополнително ги продлабочи кризата и условите за живот на граѓаните. На ова се дополнува и ривалитетот со актуелниот премиер на Косово, Албин Курти, кој ја препозна антикосовската политика на Еди Рама, особено што со своето политичко дејствување влијаеше на спречување на процесот на меѓународно признавање н на косовската државност, забележува ИФИМЕС.
Наспроти ова се ветувањата од десничарската Демократска партија, најголемата опозициска партија предводена од Љуљзим Баша, која учествува во широка коалиција со помалите опозициски партии и со Социјалистичкото движење за интеграција, ЛСИ, третата најголема партија во Албанија. Демократската партија ветува дека ќе ја врати економијата погодена од пандемијата, ќе ги реформира здравството и образованието, ќе ја врати демократијата, ќе се бори против корупцијата и организираниот криминал, како и дека ќе го придвижи процесот на интеграција на Албанија во ЕУ. Пред Баша се неколку предизвици: да победи на изборите, да ги зајакне позициите во неговата партија и, третиот предизвик, да продолжи со демократската транзиција на Албанија, се заклучува во текстот објавен на „Балкан инсајт“.
Пречките во владеењето на правото и демократијата го попречија процесот на пристапување на Албанија во ЕУ. По осум години на власт, владата на Рама успеа само официјално да ги отвори преговорите за пристап со ЕУ. Во март 2020 година, Европскиот совет одлучи да ја закаже првата меѓувладина конференција со Албанија – под услов да ги исполни проширените услови за владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и да ги имплементира препораките на ОБСЕ-ОДИХР во Изборниот законик за да се обезбедат слободни и фер избори.