По потврдените два случаи на коронавирус во Албанија, тамошната влада на денешната седница донесе итни мерки меѓу кои и прекин на наставата во училиштата во следните две недели.
Премиерот Еди Рама по седницата кажа и дека е донесена одлука да се запрат сите летови кон северна Италија до трети април, како и дека до тој датум се откажуваат сите јавни собири.
„Станува збор за првични мерки“, изјави Рама и ги повика граѓаните да не паничат, туку да бидат разумни и смирени и редовно да се информираат за сè во врска со коронавирусот од официјални извори и строго да ги применуваат мерките за лична хигиена.
За евентуално затворање на границите, Рама вели дека тоа е драстична мерка која засега нема потреба да биде применета.