Политичкиот економист Вук Вуковиќ, по најновите случувања поврзани со најголемата финансиска афера во Хрватска, која се проценува над милијарда евра, рече дека „Агрокор“ е најдобар пример на хрватскиот модел за антипзападниот крони-капитализам.
– Луѓето говореа дека Тодориќ бил добар бизнисмен. Тоа не е вистина, тој никогаш не ги заработи парите на пазарот. Фирмите му беа дадени и ги ширеше врз основа на тоа што му го овозможуваше државата, на штета на доставувачите и работниците. Се зборува за тоа дека генерирал 60.000 работни места, но никој не кажува за тоа колку работни места уништил, колку мали фирми и доставувачи пропаднале – изјави Вуковиќ, во гостувањето на емисијата „Пресинг“.
Вуковиќ потсетува на тоа дека „Агрокор“ бил главниот генератор на неликвидноста во Хрватска, а своите долгови ги плаќаше со бонови и брашно.
– Првпат кога се соочи со странскиот капитал, дојде до ѕидот и беше казнет. Една од главните причини за пропаѓањето на фирмите во светот е прекумерната самоувереност на директорите на компаниите – нагласи Вуковиќ.
Моделот за спасување на „Агрокор“ е катастрофален, смета Вуковиќ.
– Кога имаме претпријатие што е преголемо за да пропадне, која е причината да се одржува толку голема компанија и натаму да претставува ризик. Беше идеално време таа да се подели на помали фирми. Покрај тоа што фирмата генерира проблеми, прашање е кога тоа ќе се повтори во Хрватска. Постојат два системски ризика, туризам и „Агрокор“. Ако еден од тие два проблема се јави, Хрватска ќе биде во големи проблеми. Дваесет отсто од долгот на државните банки е претворен во четириесет отсто сопственост на „Агрокор“. Еден од генераторите на ризикот е даден во сопственост на друга држава – појаснува Вуковиќ.