Во Србија функционираат повеќе од 100 агенции, кои целиот бизнис го засноваат на лажно вработување трудници, на кои само на хартија им се исплатуваат високи плати за по породувањето да добијат повисок надомест од државата. На овој начин на исплата оштетени се и мајките и државата. Но во иднина овие агенции ќе бидат сѐ помалку затоа што новиот начин на пресметување за надоместот за породилно отсуство не им оди во прилог, пишува електронското издание на „Телеграф“.
Додека рокот за пресметка беше 12 месеци измамата можеше да функционира непречено, а агенциите биле во потрага по бремени жени и во породилиштата.
– Агенцијата ѝ нуди на невработената жена, која е во третиот месец на бременост, да ја пријави како вработена, но во исто време ѝ нуди да потпише и бланко-отказ. Шест месеци ѝ исплаќаат плата во висина од 500 илјади динари, а кога ќе почне со породилното боледување од државата ѝ следуваат 250 илјади динари – објаснува соговорникот на „Телеграф“.
По исплатата на надоместот, жената ги подигнува парите и од нив 200 илјади динари ѝ ги враќа на агенцијата, а 50 илјади задржува за себе. По завршувањето на породилниот период следува активирање на бланко-отказот. По ова жената се пријавува во Националната служба за вработување и добива надомест за одреден период по основа на невработеност. Овие агенции се регистрирани како агенции за книговодствени услуги, агенции за помош на семејства или за вработување.
– Вакви агенции има регистрирано најмногу во Белград. Имаше случај кога основачот е во странство и за себе исплатува минимални придонеси, а нема други вработени. Бремената жена ја поставил за директорка и ѝ определил плата од 500 илјади динари. По шест месеци таа заминува на боледување и ги зема парите од државниот буџет – велат добро информирани извори за „Телеграф“.
Моментално во Србија има 45.000 мајки на породилно отсуство, од кои голем дел се фиктивно вработени, за што државата не може да ги спречи измамите што се направени „во согласност со законот“.