Најмалку 17 ученици се полесно повредени попладнево во Албанија кога автобус, што превезувал средношколци, излета од патот во близина на преминот Ќафасан, на албанско-македонската граница.
Несреќата се случила нешто по 17 часот, кога автобусот во кој имало 50 ученици, излетал од патот и удрил во заштитната ограда.
На повредените ученици им е укажана медицинска помош во болницата во Прењас, каде биле пренесени со возила на случајни минувачи, бидејќи на местото на несреќата пристигнало само едно возило на брзата помош.
Средношколците биле од гимназијата во Росковец и се враќале од екскурзија во Македонија.
Според полицијата, причини за несреќата се влажниот коловоз и невниманието на возачот.