Балканскиот портал на „Ал џезира“ истакнува дека интернет-порталите и социјалните мрежи во земјите од регионот во повеќе западни извештаи се означени како извор на политички дезинформации. Според медиумот, повеќето од нив со голема мера во минатото се обидувале, но и сега, да пренесат странско влијание и лажни вести кај граѓаните, особено за претстојните избори во САД
Социјалните мрежи од регионот во обид за влијание на „најважните избори“ во светот
Социјалните мрежи станаа моќна алатка за влијание врз милиони луѓе низ светот, што доведе до нивна злоупотреба, но и можност тие дури да се мешаат во избори на други земји, од кои не беше имуна ниту „најголемата демократија“ во светот САД. Изборот на Доналд Трамп за претседател на САД во 2016 година во историските книги веројатно секогаш ќе има една скриена фуснота, што ќе ја доведе во прашање законитоста, или барем „чистотата“ на неговата победа. Ова меѓу другото во своја анализа го наведува балканскиот портал на „Ал џезира“, каде што истакнува дека во тоа странско влијание на изборниот процес во САД учествувале и свое влијание имале и имаат и балканските портали, но и социјалните мрежи од регионот.
Според „Ал џезира“ сѐ уште ФБИ и ЦИА, но и некои други разузнавачки агенции тврдат дека руската страна влијаела, односно ја саботирала кампањата на тогашниот демократски кандидат Хилари Клинтон и целата кампања на Демократската партија во САД, ширејќи лажни вести на интернет и социјалните мрежи. Тоа, според медиумот, не ја исклучува можноста и на претстојните американски избори да се случи истото, а регионот повторно да биде во фокусот на американското разузнавање токму поради големиот број портали и социјални мрежи што постојано шират дезинформации и лажни вести за светските случувања.
Според Марко Тадиќ од порталот „Нетрокрација“, последниве години често се зборуваше дека некои земји вмешале прсти во претседателските избори на САД во 2016 година, иако тој посочува дека тоа никогаш не било докажано и дека сè се заснова на тврдења од една страна. Американското разузнавање и негирањето од друга страна, во овој случај на Русија, само дополнително го искомпликуваа процесот за вистината.
– Медиумите се еден од основните столбови на демократијата, тие треба да бидат извор на вистината и вистински информации. Сепак, медиумите можат да прогласат невино лице за виновно, да напишат една лага 100 пати и на тој начин да манипулираат со мислењата на луѓето. Со растот на интернетот и социјалните мрежи, илјадници информации доаѓаат кај нас, а голем број од нив, за жал, се лажни. Со создавање страници на Фејсбук или Инстаграм и лажни вести на тие платформи, можеме да влијаеме на мислењата на луѓето или барем да ги охрабриме да размислуваат како што сакаме – вели Тадиќ од порталот „Нетрокрација“. Тој додава дека стотици и илјадници лажни вести им се пласираат на потрошувачите на овие платформи, кои на тој начин добиваат искривена слика за дадена ситуација или посебен проблем. Земјите од Балканот, како БиХ, Србија, Хрватска, Косово, но и другите во голема мера се подложни на проблемите со ширење лажни вести на социјалните медиуми, кои особено во пресрет на американските избори се преполни со дезинформации за ова светско случување.
Токму медиумите во Србија се едни од најголемите извозници на лажни вести во соседните држави, покажуваат податоците на специјализираните портали што го следат овој негативен феномен во државите на Западен Балкан. Според последните достапни истражувања за влијанието на лажните вести на „Јуропиен комуникеишн монитор“, Србија е трета земја во Европа, веднаш зад Романија и Чешка. Ова се податоците за 2018 година, но како што нагласува Стефан Јањиќ, уредник на порталот „Фејкњус трагач“, состојбата за минатата, но и за тековната година со сигурност нема да биде битно сменета.
– Можам да констатирам дека во последните две години бројот на лажните вести расте и во тоа предводат медиумите со таблоидна содржина на Балканот – изјави Јањиќ за Радио Слободна Европа. Според порталот „Фејкњус трагач“, содржините што се емитираат од центрите на лажни вести во однос кон другите земји (особено во Босна и Херцеговина и Косово) се политички и се обликувани низ антизападна призма.
Во меѓувреме на истава тема директорот на Националниот контраразузнавачки и безбедносен центар, Вилијам Еванина, за „Дојче веле“ неодамна изнесе загриженост поради масовното мешање на Кина, Русија, но и на Иран во годинашниве претседателски избори во САД. Како што наведува тој за германскиот медиум, секоја земја следи свои цели, а регионот, но и земјите пошироко од него не се имуни на оваа проблематика, која најлесно се шири преку интернет и социјалните мрежи.
– Многу странски актери имаат став за тоа кој би сакале да победи на претстојните избори, кој го изразуваат низ јавни и приватни изјави, напорите за прикриено вршење влијание се поретки – изјави Еванина, директор на Националниот безбедносен центар за контраразузнавачки прашања на САД.
Инаку, повеќекратните проверки на американските разузнавачки агенции во 2017 година резултираа со заклучокот дека Русија со хакерски напади, но и ширење дезинформации на социјалните мрежи во изборната кампања во 2016 година дејствувала за да ја зајакне позицијата на сегашниот американски претседател Доналд Трамп, а ги поткопала шансите на неговата ривалка Хилари Клинтон. Токму овие извештаи на неколкупати утврдија и вмешаност на балканските медиуми и социјални мрежи во изборната кампања на поранешните претседателски избори во САД.