Претседателот и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ, денеска во Брисел ги информираа лидерите на Европската унија за политичката ситуација во БиХ и процесот на конституирање на власта на сите нивоа.
Тројцата, во рамки на нивната прва заедничка официјална посета на Брисел, разговараа со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск.
Како што рекоа членовите на државното Претседателство, првата посета на Брисел го потврдува настојувањето европскиот пат да биде во центарот на дејствувањето во иднина, а целта е исполнувањето на обврските со цел БиХ да добие кандидатски статус оваа година.
Претседателот Јункер и комесарот Хан повикаа на решавање на актуелните прашања во БиХ, како што е завршување на процесот на формирање власт на сите нивоа и доставување одговор на дополнителни прашања од Прашалникот на Европската комисија.
Тие ги повикаа членовите на Претседателството на БиХ да продолжат да работат на реформите и да ја задржат политичката стабилност, а во исто време најавија дека БиХ ќе продолжи да има силна поддршка на европскиот пат, соопшти Претседателството на БиХ.
Туск оцени дека формирањето на власт на сите нивоа во БиХ и доследноста во реформите ќе биде најдобриот аргумент за земјите-членки во одлучувањето за позицијата на БиХ во процесот на интеграција во Европската унија.
Членовите на Претседателството на БиХ на крајот истакнаа дека позитивното мислење на Европската комисија и препораките за добивање статус на земја-кандидат оваа година ќе биде позитивен сигнал за продолжување на реформскиот процес, а од ЕУ беше побарана поддршка во остварувањето на оваа цел.