Во неделата хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ била понесена од атмосферата во Москва и не сакала да се воздржува од искажување на своите емоции од успешниот настап на хрватската репрезентација
Во хрватските медиуми сѐ уште главна тема е настапот на хрватската фудбалска репрезентација во финалето против Франција, каде што главна ѕвезда беше претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ, која го привлече вниманието на светските агенции. Оваа нејзина реакција придонесе за тоа Хрватска во написите во електронските медиуми да се споменува за 30 отсто повеќе отколку кога нејзината репрезентација успешно ја помина полуфиналната фаза. Покрај најдобриот фудбалер на Светското првенство во Москва, Лука Модриќ, најпребарувано име на социјалните мрежи било името на претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ. Таа била споменувана за 25 отсто повеќе од Модриќ, а интересно е тоа што 80 отсто од коментарите биле позитивни за настапот на хрватската претседателка.
Меѓу светските медиуми и агенции и германските медиуми отстапија повеќе простор за однесувањето на хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ на финалниот натпревар на Светското првенство во фудбал. Најтиражниот европски дневен весник „Билд“ пишува дека Колинда со своето однесување го „украла шоуто“. Од бакнежите на претседателката не беше поштеден ни победничкиот пехар, поради што беше позабележителна и од светскиот првак во фудбал, односно од репрезентацијата на Франција. Сепак, Колинда е опишана како „најсимпатичната губитничка во историјата на Светското првенство“, а на нејзиното расположение не влијаеше ни поројниот дожд во Москва, за време на доделувањето на медалите. Колинда се радуваше и со победниците и бакнуваше секого, за на крајот овој германскиот таблоид да заклучи дека таа на големата сцена се однесувала природно наместо политички воздржано.
Однесувањето на Колинда за време на фудбалското првенство во Москва беше коментирано и од голем број хрватски граѓани, кои на социјалните мрежи го исмеваа нејзиниот настап.
– Не можев да издржам, а да не дојдам. Утрово не можев да спијам од возбуда, измешани чувства, гордост и радост, а малку и тага што не победивме, затоа што навистина бевме подобри. Тоа ни го призна и францускиот претседател Макрон. Драго ми е што целиот свет нѐ доживува како морални победници и како победник што ги освои срцата – изјави Колинда Грабар-Китаровиќ во понеделникот, на пречекот на хрватската репрезентација на градскиот плоштад во Загреб.
Таа во разговор за РТЛ изјави дека во неделата била понесена од атмосферата во Москва и дека не сакала да се воздржува.
– Сакав да бидам човек, да покажам како сите ја сакаме својата татковина и репрезентација, колку сме горди на неа и колку е важен тој момент за Хрватска. Држава што нема голем број жители и мала територија, но има огромно срце и што постигна голем успех – додаде таа.
Нејзиниот гест има позитивен одраз кај нејзиното избирачко тело и не се однесува на меѓународната сцена, на која некои нешта се ценат на друг начин, смета искусниот дипломат Ивица Маштруко, некогашен амбасадор во Ватикан, Грција, Словенија, Романија…
– Тоа не може да се коментира. Секој коментар би бил одвишен и непримерен. Од дипломатски аспект тоа воопшто не може да се коментира, затоа што и да се каже, би ја повредил самата институција претседател на републиката, а потоа и сите оние што мислат дека нејзиното однесување е нормално, примерено и величествено. Кога ќе се погледне сѐ заедно, мене ми е единствено жал за трудот на нејзината фризерка, кој беше упропастен од дождот – изјави Маштруко со доза иронија за Нет.хр.
Кај дел од хрватскиот народ помина позитивно однесувањето на претседателката за целото фудбалско првенство, која успеа политички да го капитализира во своја корист.
– Нејзиното однесување имаше влијание кај нејзиното избирачко тело. Сигурно на домашната цена таа добива. Дел е поради политичката неписменост кај дел од хрватските избирачи. Фактот што некои медиуми ги фалат постапките на Колинда се должи на тоа што секогаш медиумите посветуваат поголемо внимание на такви гестови. Главно, се читаат коментарите на порталите, но не би рекол дека тоа е мериторно мислење – заклучува Маштруко.