Изминаа точно 77 години од далечната 1943 година кога светот го здогледа „Слободна Далмација“, дневниот весник кој беше и остана хроничар на Сплит, но и на цела Далмација.
Во време кога печатените изданија, а особено дневните весници се потешко преживуваат во целиот свет, „Слободна Далмација“ успева да ја задржи свежината присутна уште од првиот број, пишувајќи пред се за малиот, обичен човек. Или, како што тоа убаво вели директорот на весникот Мирослав Ивиќ, „Читателите го ценат фактот дека нејзините автори го имале и го имаат чувството за камената земја, рибарската мрежа и за балота, сето она што го карактеризира тукашниот човек“.
Но, следејќи го новото време, весникот денеска е интензивно присутен на интернет, па неговиот портал е еден од најпосетуваните и најрелевантните во цела Хрватска.
Редакцијата на „Нова Македонија“ им го честита роденденот на колегите од „Слободна Далмација“ со кои во изминатиов период бележиме успешна соработка, со надеж дека уште долго ќе ги одбележуваме своите јубилеи.