За време на вчерашната пленарна седница во грчкиот Парламент пред гласањето на законот што ги поништува одредбите што предвидуваа кратења на пензиите од 1 јануари 2019, иако не беше на дневен ред, и прашањето за името и Договорот од Преспа беа дел од темите за кои меѓусебно, на високи тонови, се обвинија грчкиот премиер Алексис Ципрас и лидерот на опозициската Нова демократија, Киријакос Мицотакис.
Во првичното обраќање Ципрас се задржа само на економијата и конкретниот закон, додека пак Мицотакис во неговиот говор ја обвини актуелната влада дека се пазарела и го „размени скопското прашање за пензиите“, а паралелно побара да се распишат избори за грчкиот народ да одлучи за Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.
-Господине Ципрас, ќе ви го кажам она што меѓу себе го дискутираат веќе сите граѓани: го разменивте скопското прашање со намалувањето на пензиите. Разменивте мерка што не требаше да ја имате изгласано, со една голема национална отстапка. Ова, господине Ципрас, беше билетот, со кој патувавте од Преспа до Итака. Во Преспа, каде што ги отстапивте македонскиот јазик и македонската националност, а на Итака, каде што го изрежиравте наводниот излез од меморандумите. Но, ова не им служи на интересите на земјата. Им служи на странските интереси – рече Мицотакис.
Ципрас му реплицираше, дека е срамота и не очекувал од лидерот на опозицијата да кажува такви работи и како што рече самиот, работи што „го извадиле од кожа“.
– И доколку со овој закон, овде носиме размена и не ги намалуваме пензиите бидејќи ја распродаваме Македонија, вие зошто ќе гласате за овој закон што е замена за распродавањето на Македонија? Зошто го гласате? Зарем не Ви е ни најмалку срам да ги кажувате овие работи во грчкиот парламент? Колку ниско ќе паднете? Ве повикувам да не гласате за да не се скратат пензиите, доколку мислите дека тоа е производ на размена за едно толку критично национално прашање, се обрати Ципрас до Мицотакис – пренесе МИА
Лидерот на Нова демократија, во неговото почетно обраќање побара, да се распишат предвремени избори „за да му се даде можност на народот да ја земе судбината во свои раце и самиот народ да одлучи за срамниот Договор од Преспа“.
-Внимавајте господине Ципрас. Внимавајте бидејќи грчкото општество го ставивте наспроти вас. А ако навистина сакате грчкото општество да излезе со став за ова прашање, постои само еден начин: распишете избори пред да го донесете договорот за ратификација во парламентот. И ќе добиете конечен одговор од грчкиот народ – порача Мицотакис.
Тој, го праша грчкиот премиер дали има да каже нешто во врска со последните изјави на македонскиот премиер и го повтори неговиот став од изминатите денови дека „Заев слави и го промовира договорот“ бидејќи го добил она што ниту еден грчки премиер во изминатите 26 години не го отстапил- македонски јазик и македонска националност.
Грчкиот премиер му одговори на Мицотакис дека Договорот од Преспа не признава никаква нација или националност, додека пак за јазикот повтори дека тој е официјално признат од 1977, а воедно упати порака и до Македонија, дека доколку не се почитува она што е предвидено со Договорот од Преспа, нема да има ни ратификација во грчкиот парламент, ни членство во ЕУ и НАТО.
-Неколку пати имам нагласено, а е разјаснето и од сите меѓународни фактори дека поранешната југословенска Република Македонија мора, како со уставните амандмани што се дискутираат овие денови, бидејќи се разговара за претстојната промена на Уставот како што е дефинирано од Договорот од Преспа, но така и со изјавите на нејзините функционери, мора да ги почитува духот и текстот на Договорот од Преспа. Ако тоа не се случи, им кажавме и нив, но и јавно дека нема да оди напред ниту договорот ниту интеграцијата на соседната земја во меѓународните организации – рече Ципрас и додаде дека внимателно, без избрзување чекаат да заврши процесот на уставни измени.
Жестока дискусија, како што јави дописничката на МИА од Атина, се водеше и околу мобилизацијата на учениците и слоганите на средните училишта дека „демократијата ја продаде Македонија“.
-И кога вашиот владин портпарол и вашите министри, како и господинот Скурлетис прашуваат дали се согласуваме со слоганот „Демократијата ја продаде Македонија“, одговараме: не, не се согласуваме. Сами се пазаревте. И имате целосна одговорност. Останатите, кои учествуваме во демократијата немаме никаква одговорност за оние работи за кои вие преговаравте. Напротив, ги искористивме и ги користиме сите алатки што ни ги нуди демократијата за да ве спречиме. И ако утре, земјата се најде во ситуација да се справи со проблем со македонско малцинство, сигурно нема да бидат виновни партиите и пратениците што се против овој договор – порача Мицотакис.
-По втор пат повикан да го коментирате слоганот на Златна зора во училиштата дека демократијата ја продаде Македонија, наместо да го осудите, единствено што имавте да кажете е дека демократијата не ја продаде затоа што ние не учествувавме, СИРИЗА ја продава Македонија. Срам да Ви е! Не Ви дозволувам да не нарекувате предавници! Срам да Ви е!, му одговори грчкиот премиер на лидерот на Нова демократија.
Кирјакос Мицотакис за време на расправата го повтори ставот дека Нова демократија нема да гласа за ратификација на Договорот од Преспа, додека пак Алексис Ципрас, му порача дека владата е подготвена за нов предлог од опозицијата за гласање недоверба на владата.