Екстремно загаден воздух е регистриран во Сараево, Белград, Загреб, Скопје, но и во Софија и во Букурешт, а загадувањето најчесто е предизвикано од термоцентралите на јаглен, индустријата, стариот возен парк и загревањето на домовите
Речиси сите градови во регионот деновиве се енормно загадени, а дека ситуацијата е драматична говорат и итните седници на властите во повеќето соседни земји, кои преку вонредни мерки се обидуваат да ги намалат последиците од загадувањето. Екстремно загаден воздух е регистриран во Сараево, Белград, Загреб, Скопје, но и во Софија и во Букурешт, а загадувањето во најголем случај е предизвикано од термоцентралите на јаглен, индустријата, стариот возен парк и од загревањето на домовите.
– Високите концентрации на токсични честички во воздухот се типични за зимата во балканските земји, кои во голема мера зависат од електроцентралите на јаглен и во кои луѓето возат стари автомобили и користат дрва и јаглен за загревање. Последните денови временските услови без ветер и густата магла го влошија проблемот – пишува „Њујорк тајмс“ во текстот посветен на загадувањето на балканските градови, а во кој според загаденоста особено се издвојува Сараево, главниот град на БиХ.
Експертите предупредуваат дека овие, но и другите еколошки проблеми, би можеле дури и да ги блокираат напорите на балканските земји за придружување на Европската Унија.
Во таа насока македонските власти најавија повеќе мерки за намалување на загадувањето, како субвенции за граѓаните што ќе се откажат од греењето на дрва и други нееколошки горива, субвенции за електрични тротинети, ослободување од царина при купување електрични автомобили…
Факт е дека овие мерки се недоволни да предизвикаат некаква радикална промена во квалитетот на воздухот, но се некаков чекор. Од друга страна, многу доцнат гасификацијата на домаќинствата, модернизацијата на индустриските постројки, поставувањето филтри на фабриките и термоцентралите, регулацијата во градежниот сектор, како и третманот на отпадот.
Министерството за животна средина веќе ги достави до Собранието измените на Законот за управување на квалитетот на амбиенталниот воздух, со кој се предвидува препораките за време на високо ниво на концентрации во воздухот да станат и институционална обврска.
– Ограничувањето на режимот на сообраќајот, ограничување на производството на капацитетите што загадуваат, реорганизација на работното време и овозможување на ранливите групи да не бидат изложени на високите концентрации на загадувачки материи на воздухот да станат дел од правниот промет. Со други зборови, да може некој да издаде наредба, а тоа е владата или општината, со која овие мерки веднаш ќе стапат во сила – објасни Ана Петровска, државна секретарка во МЖСПП.
Во процедура се и измените на Законот за третман на отпадот, со кои се бара забрана за увоз на отпад што се користи како извор на енергија.
Од досега преземените мерки во врска со намалувањето на загадувањето во Македонија не се задоволни екологистите, кои бараат порешителна акција и носење порадикални мерки.
– Постојано мора да се преземаат мерки во неколку сектори истовремено – индустрија, сообраќај, урбанистичко планирање, пошумување, енергетски сектор, управување со отпад, комунална хигиена. И можеби една од најважните активности е спроведување закони и мерки и континуирано контролирање – е ставот на експертите во оваа област.
Што се однесува до искуствата од регионот, српската влада на итна седница донесе неколку вонредни мерки со кои очекува да се намали нивото на загадување на воздухот.
Со нив се предвидува забрзување на процесот на гасификацијата, ригорозна контрола на возилата на технички преглед, субвенции за купување електрични автомобили, замена на филтрите на термоцентралите, засилено пошумување и внесување на биомасата како енергент. Пред извесно српските власти најавија и дека ќе доделат по 8.000 евра субвенции за таксистите што ќе набават ново возило.
Во БиХ активистите ја осудија Владата заради потпирање врз краткорочни мерки за време на кризните денови, како забрана на дизел-возилата и препораки за употреба на маски за лице, при што, според нив, се занемаруваат клучните проблеми, како изградбата на високи згради што го спречуваат протокот на воздух. И БиХ е особено позната по користењето на јагленот како главна суровина за загревање на домаќинствата, но и при производството на електрична енергија.
Хрватските власти како мерки за намалување на загадувањето на воздухот во Загреб препорачаа избегнување активности на отворено, користење на јавниот превоз и намалување на пушењето.
По сето тоа, можеби, како добар пример може да послужат, според многумина, решителните и ефикасни мерки што ги спроведоа властите во Мексико Сити. Воздухот во овој град беше енормно загаден, но тамошните власти најпрво го заменија безоловниот бензин со бензин, со намалена емисија на јаглеводороди и азотни оксиди. Понатаму, беа затворени или преселени многу фабрики, а мазутот во индустријата и енергетиката беше заменет со природен гас. Денес во Мексико Сити е забрането користење возила еден ден неделно, постарите возила не смеат да возат во деновите со висока загаденост, а наместо тоа е проширен јавниот транспорт.
Загадувањето зема илјадници животи годишно
Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска се наоѓаат меѓу десетте европски држави со најголема стапка на смртни случаи поради загаденоста, покажуваат податоците на Институтот за мерење и процена на здравјето, кој е независен глобален истражувачки центар при Универзитетот во Вашингтон.
Она што е поразително за Србија е фактот што, според податоците за време на 2017 година, таа се наоѓа на деветтото место на светската листа кога станува збор за стапката на смртност од загадувањето. Поточно, во набљудуваниот период, од 123.685 случаи на прерана смрт, за 12.317 директно е виновно загадувањето. Од нив, 9.902 го загубиле животот поради загаден воздух. БиХ е на 29-то место на листата, во 2017 година таму имало 4.379 смртни случаи поврзани со загадувањето, од кои 3.372 поради загадувањето на воздухот.
Хрватска е на 43-то место, со 4.463 смртни случаи предизвикани од загадувањето, од нив 3.089 од загаден воздух.
Македонија е 59-та држава во светот според стапката на смртност од загадување, при што имало 2.005 смртни случаи од загадување, од кои 1.663 поради загаден воздух.
Црна Гора е на 74-то место, додека Словенија е на 116-то место.