Илустрација / Фото: Игор Бансколиев

Во извештајот се констатира и пад на демократијата кај сите држави од регионот на Западен Балкан. Сите земји од Западен Балкан се сместени во „сивата зона“ на хибридни режими, односно во земји што се меѓу демократија и автократски системи

ШТО ПОКАЖУВА НАЈНОВИОТ ИЗВЕШТАЈ НА „ФРИДОМ ХАУС“

Повеќето земји на Западен Балкан минатата година назадувале во демократските процеси. Пад на демократијата е забележан во Албанија, Црна Гора, Косово и Србија, а напредок е остварен во Босна и Херцеговина и Македонија, покажува извештајот на „Фридом хаус“. Во извештајот на невладината организација, со седиште во САД, се опфатени 29 земји од поранешниот Советски Сојуз и Источна Европа, а генералниот заклучок е дека нападите на демократските институции се шират побрзо и за државите од Европа и Евроазија претставува предизвик за зачувување на демократијата. Во 18 земји имало пад на „демократскиот индекс“, а подобрување имало само во шест земји, додека во пет земји немало никакви промени. Сите земји од Западен Балкан се сместени во „сивата зона“ на хибридни режими, односно во земји што се меѓу демократија и автократски системи, пренесува Радио Слободна Европа.
Извештајот на „Фридом хаус“ го оценува статусот на демократски развој, кој е изразен со „процена на демократијата“ од еден до седум. Целокупната сила на демократијата во регионот опаѓа веќе 17 последователни години. Најголем демократски напредок лани во земјите од Западен Балкан постигнала Македонија, од плус 0,07. Таа постигна напредок во демократскиот резултат од 3,75 на 3,82, со подобрувања во областите на националното демократско управување и изборниот процес.

Нашата земја има најдобра оценка во областа на граѓанското општество (4,75), а најлошата во областите на судството и корупцијата (3,25). Сепак, Македонија останува во групата на преодни или хибридни режими, во кои уште се Босна Херцеговина, Грузија, Унгарија, Косово, Црна Гора, Молдавија, Србија и Украина. Земјите што се преодни или хибридни режими се типично изборни демократии, каде што демократските институции се кревки и постојат значителни предизвици за заштита на политичките права и граѓанските слободи.
Србија е класифицирана во категоријата „хибридни режими“ и таа заостанува во областа на демократското управување на национално ниво. Се забележува дека парламентарните избори во Србија во јуни 2020 година се одржаа без конкуренција и резултатот од изборите беше де факто еднопартиски парламент. Резултатот е полош отколку во минатото и во областа на изборниот процес, објави Бета. Процената на изборниот процес падна на 4,25 од 4,50 поени, поради измената на изборното законодавство, спроведено од владејачката партија во пресрет на парламентарните избори, и недостигот од можности за гласање, бидејќи мнозинството од опозицијата го бојкотираше гласањето, се вели во извештајот. Србија не е во категоријата демократски држави втора година по ред. Годинава таа доби оценка 3,89, во споредба со минатогодишната 3,96.
Албанија минатата година имала пад во демократските поени од 3,82 на 3,75, што се должи на влошената состојба во областите за цивилното општество и независните медиуми. Таа има најлоша оценка за корупцијата (2,75).

Во Босна и Херцеговина по десет години назадување или стагнирање, лани првпат е остварено подобрување, со пораст на демократскиот резултат од 3,32 на 3,36. БиХ напредувала во локалното демократско управување. Најлоша оценка има во областа на националното демократско управување, а прогрес направила во изборниот процес и цивилното општество.
Црна Гора забележи пад од 3,86 на 3,82 и има влошување во областа на локалното демократско управување. Оваа земја најдобра е во цивилното општество (5,25), а најлоша со корупцијата (3,0)
По петгодишно континуирано напредување, Косово минатата година има пад на демократскиот резултат од 3,18 на 3,14. Најмладата држава на Западен Балкан најлоша оценка има за корупцијата (2,15).
Проблемите со функционирањето на судството се причина што оваа година демократијата во Бугарија продолжува да се движи надолу кон „хибриден режим“, што постепено се забележува со неколку исклучоци во една деценија. „Фридом хаус“ ја намали оценката за работата на судството во Бугарија поради „загриженоста за политизација на обвинителството, недостигот од отчет за неправилности во работата на полицијата и гонењето и дискриминаторски третман на ромските граѓани за време на пандемијата на ковид-19“.

Политичката клима на земјата дополнително се влоши во 2020 година. Во исто време, минатата година се случи „влошување на работното опкружување за новинарите“, со употреба на сила и напади врз припадници на медиумите. Надвор од проблемите споменати во промената на рејтингот во судството, се споменуваат и првите санкции воведени од САД против бугарски судија.
Бугарското националистичко размислување ги блокира преговорите за пристапување на Македонија во Европската Унија, се забележува во најновиот извештај „Земји во транзиција 2021 година“, кој годинава е објавен под наслов „Антидемократски пресврт“. Во него се посочува дека изминатиот период имало „чести случаи на политичари што инструментализираа опасна реторика за политичка добивка – како што е бугарското националистичко размислување за блокирање на преговорите за пристапување кон Северна Македонија во Европската Унија“.