Хрватските политичари ретко го користат хуморот на своја сметка, а кога го употребуваат тоа го прават неуспешно
Хрватските политичари ретко или слабо го користат хуморот во своето јавно обраќање, што е последица на недостиг од општо ораторско образование и слаби советници за јавна комуникација, е еден од заклучоците на зборникот „Хуморот во секојдневната комуникација“, кој е објавен од Институтот за етнологија и фолклористика од Загреб.
Авторките на еден од 16-те текста објавени во оваа книга, Љиљана Логар и Габриела Кисичек, истакнуваат дека меѓу хрватските политичари најефикасна стратегија при користењето на хуморот користи поранешниот претседател на Хрватска Стјепан Месиќ. Како пример за добрата смисла за хумор се посочува гостувањето на Месиќ во Белград во 1991 година, пред непријателски расположена публика, кога една жена го прашала дали е вистина тоа што го слушнала, дека тој на градите ја има истетовирано буквата „у“. На ова Месиќ одговорил: „Тоа морате сами да го проверите“, со што ја добил поддршката од публиката. Кога заминувал од овој настап, додека поминувал со обезбедување од полицијата, бил испратен со аплауз, пишува во текстот објавен на сајтот на Н1.
Долгогодишниот градоначалник Милан Бандиќ ја користи стратегијата за хумор, навидум ненамерно, за да го сврти вниманието од непријатните теми и ги наведува гледачите на смеење. Класичен пример за одбегнување од главната тема било прашањето за изградба на јавните тоалети, за што градот потрошил многу пари. Со одговорот тој успеал вината за нефункционалноста на тоалетите да им ја префрли на други лица.
Хрватските политичари ретко го користат хуморот на своја сметка, а кога го употребуваат тоа го прават неуспешно. Најчесто користат досетки за на напад на противникот и тогаш ја поминуваат границата на добриот вкус. Тогаш хуморот поминува во исмејување и понижување на неистомисленикот.
Рената Јамбрешиќ Кирин вели дека хуморот е моќно средство за придобивање на гласачите и за креирање на свеста кај граѓаните. Неговото користење на социјалните мрежи многу повеќе го засилува веќе постојното уверување отколку што креира ново.
Поради тоа, користа од досегот на хуморот треба да се бара кај комичарите што се занимаваат со актуелни социјални и политички проблеми. Кирин го анализира духовитиот интернетски фолклор кога станува збор за оценување на активностите и настапите на претседателката на Хрватска Колинда Грабар Китаровиќ. Таа често се споредува со ликот на Барбика, со што во хуморот за неа многу повеќе се истакнуваа женските особини и сексапилот, а потоа се коментираа одлуките во нејзината политика, реториката или компетенциите.
Политичкиот хумор е застапен и во настапите на хрватските стендап-комичари, и главно нивните коментари на сметка на Колинда се феминистички коректни и етички. Главна тема на комичарите им е сопругот на хрватската претседателка Јаков Китаровиќ, кого го сметаат за „најтивка и најкрупна прва дама“.