Новите правила на хрватската влада се однесуваат за внесување цигари и други основни прехранбени производи, кои Хрватите ги купуваа од Србија и од Босна и Херцеговина по пониски цени отколку на домашниот пазар
Хрватска од 15 октомври ќе воведе нови правила за внесување производи со што ќе им се скрати можноста на хрватските државјани да одат на шопинг во пограничните места во Србија и во Босна и Херцеговина. Новите правила се однесуваат за внесување цигари и други основни прехранбени производи, кои Хрватите ги купуваа по пониски цени отколку да ги набават во хрватските продавници. Покрај ова, од Владата на Хрватска најавуваат и заострување на контролата на граничните премини за внесување прехранбени и други производи од соседните земји. Според новиот правилник за ослободување од ДДВ и царини за стока што се увезува како личен багаж, ќе може да се внесуваат најмногу две кутии цигари, а досега можеше да се внесе цела штека со десет кутии. Има ограничување и за личен увоз на тутун, па наместо досегашните 250 грама, може да се внесат само 50 грама, објави „Гласот на Славонија“.
Според неофицијалните процени, Хрватска на купување цигари од БиХ и од Србија годишно губи околу половина милијарда куни на царини и ДДВ. Годинава, поради пандемијата на коронавирусот, Хрватите помалку патувале во соседните земји, а меѓуграничната потрошувачката била преполовена. Во првите осум месеци од годинава странските државјани побарале поврат на данокот за производи во износ од 43,8 милиони конвертибилни марки (167 милиони куни), додека за истиот период лани биле потрошени околу 83 милиони КМ, соопшти портпаролот на Управата за индиректно оданочување на БиХ Ратко Ковачевиќ.
Најголем меѓуграничен промет е остварен на преминот Орашје преку кој многу жители од Славонија доаѓаат да пазарат од продавниците во соседната БиХ. Станува збор за промет од 21,5 милион куни. Хрватите најчесто купуваат прехранбени производи, гориво, лекови, кои се поевтини во однос на хрватските продавници. Покрај ова, најголема побарувачка има и за автоделови, мебел, столарија и за некои од услугите, како што се стоматолошките.
Веста за новите царински прописи што ги најавија од Загреб, српски „Курир“ ги пренесе со текст со наслов „Хрватски удар на Србија и БиХ“, во кој се наведува дека ова ќе значи крај за прекуграничниот шопинг од кој корист имаа продавниците во пограничниот регион.
По отворањето на границите, Хрватите повторно тргнаа на пазарење во соседството. Хрватските државјани можат да патуваат во Србија со лична карта без тест за коронавирусот и без 14-дневна изолација.
– Во споредба од периодот пред короната има мало поскапување на пивото. Купувавме други производи и малку и заштедивме – вели Милан од Осиек за РТЛ.
Досега едно лице во Хрватска можеше да внесе штека цигари, едно литро алкохолен пијалак и 16 литри пиво, додека има забрана за внесување свежо месо, сувомесни производи и храна за домашни животни. Соковите лековите и другите производи се поевтини во споредба со цените во Хрватска.
– Со едно пазарење може да се заштедат околу 300-400 куни, околу 50 евра – вели една државјанка од Хрватска.
Најчеста шопинг-дестинација на жителите на Осиек е српското село Богоево, кое е оддалечено 40 километри, а за гориво да се стигне до него се потребни околу 50 куни, четири евра. Само од една штека цигари се заштедуваат околу 100 куни.