Шефот на Пратеничката група на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), Авдулах Хоти порача дека секој договор со Србија кој „задира во функционалноста на Републиката“, е неприфатлив и ќе биде категорично отфрлен.
– Република Косово, со нејзиното уставно уредување, засновано врз планот на (Мати) Ахтисари, е најсублимираното достигнување на албанскиот национализам и компромис кој се прави за мир во регионот, напиша Хоти на Фејсбук.
Тој го отфрли како неприфатлив за Косово секој договор со Србија кој е „на штета на ова достигнување и на функционалноста на Републиката“.
– Тие што водат преговори кришум и без мандат треба да знаат дека ќе се соочат со одбивање од страна на народот, порача Хоти.
Косовскиот претседател Хашим Тачи настојува да биде главен преговарач во преговорите меѓу Приштина и Белград под покорвителство на Брисел, кои моментно се прекинати и се очекува наскоро да продолжат.
Тачи ја има поддршката на неговата Демократската партија на Косово (ПДК), но против се ЛДК и останатите опозциски партии на косовските Албанци, кои инсистираат дека за да му се даде таква улога во преговорите, тој треба да добие доверба од две третини на пратениците во Собранието на Косово. Такво нешто, според моменталниот однос на силите во косовскиот Парламент, е невозможно да се очекува.