Бугарското Здружение на хотелиери и угостители ја предупреди владата да не зазема цврст став против Русија, бидејќи таа би можела да ги суспендира авионските летови кон Бугарија, што би можело да и наштети на тамошната летната туристичка сезона, објавува „Еурактив“.
Русија веќе ги суспендираше летовите кон Турција (до 1 јуни) поради ширењето на коронавирусот, па бугарските хотелиери и угостители ја повикаа владата да ја искористи ситуацијата и да почне да издава туристички визи за Русите. Но, главното барање се однесува кон Министерството за надворешни работи, со цел да биде претпазливо со коментарите во врска со Русија.
– Ова не е време за Министерството за надворешни работи да ги покажува мускулите преку остри изјави против Руската Федерација, бидејќи ова е клучно за нашата економија. Без силна економија нема ниту силна политика – се наведува во соопштението на хотелиерите и угостителите.
Бројот на руски туристи во Бугарија забележа пад во изминатите неколку години, со што пандемијата предизвикува дополнително намалување на посетите. Бугарските туристички места на Црното Море, сепак, остануваат примамливи за руските туристи, со што привлекоа повеќе од 350 илјади посетители од Русија во 2019 година.
Хотелиерите се особено загрижени поради тензиите во Украина и поради наводната шпионска афера што неодамна ја потресе Бугарија, при која беа уапсени петмина Бугари за кои се тврди дека шпионирале за Русија.