Косовскиот претседател Хашим Тачи денеска во Хаг треба да биде сослушан од меѓународните обвинители за воени злосторства. Тој беше врвен командант на Ослободителната војска на Косово, кој водеше герилска војна за независност од Србија кон крајот на 90-тите. Специјален меѓународен суд го обвини Тачи и други поранешни борци за наводни воени злосторства од страна на ОВК, вклучувајќи убиства, киднапирање и тортура.
– Додека мои сограѓани како и јас ќе се соочат со меѓународната правда со достоинство и интегритет, ве повикувам да застанете обединети во справувањето со предизвиците со кои се соочува нашата земја – напиша тој на Фејсбук, негирајќи ги обвинувањата.
Тачи порача дека ако му се суди, веднаш ќе поднесе оставка како претседател и ќе се соочи со обвиненијата.
Во обвинението се наведува дека Тачи, лидерот на Демократската партија на Косово Кадри Весељи и други се осомничени за околу 100 убиства. Злосторствата претставени во нацрт обвинението вклучуваат стотина идентификувани жртви косовски Албанци, Срби, Роми и политички противници.