Косовскиот премиер Рамуш Харадинај одбива да ги укине таксите од 100 отсто за увоз на производи од Србија, затоа што Белград нема да ја признае независноста на Косово.
– Таксите ја претставуваат државата. Ако не ги задржиме, нема да има меѓународно признавање на двете земји. Ова е компонента во изградбата на државата и тоа не е предмет на гласање – рече Харадинај.
Од САД се испраќаат пораки за продолжување на дијалогот меѓу Приштина и Белград и можноста да биде доведена во прашање поддршката за Косово. Ова било соопштено и на состанокот на претседателката на Претставничкиот дом на американскиот конгрес, Ненси Пелоси, со претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели, пишува приштинскиот весник „Епока е ре“.
По најновиот обид и од францускиот претседател Емануел Макрон за продолжување на дијалогот, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, рече дека тие се подготвени веднаш да се вратат на преговарачката маса, но изрази надеж дека приштинските политички лидери имаат доволна храброст и одговорност да ја променат одлуката за царините.
– Ова е единствен начин да имаме стабилност на Косово и луѓето да продолжат да живеат – изјави Брнабиќ.
Таа ги соопшти резултатите на едно истражување во кое 91 отсто од населението на Косово не сака замрзнат конфликт и непроменета состојба.
– Тие сакаат продолжување на дијалогот и се надевам дека лидерите во Приштина ќе имаат сила да ги послушаат сите граѓани кои живеат на Косово – изјави српската премиерка.