Амбасадата на САД во Приштина го повтори ставот за укинување на царинските такси за српските производи и за производите од Босна и Херцеговина, а тоа го смета за важен услов за продолжување на дијалогот со Белград.
– Веруваме дека суспензијата на таксите е важен чекор за продолжување на дијалогот – соопштуваат од американската амбасада, по средбата меѓу косовскиот премиер Рамуш Харадинај и Филип Коснет, американскиот амбасадор во Приштина, која се одржа минатата недела.
Премиерот на Косово, кој престојува во САД, во едно интервју повтори дека односите помеѓу САД и Косово се добри.
Тој додаде дека таксата од 100 проценти за српските и за босанските производи е воведена „против интересот на Србија и Русија на Балканот“, пренесуваат косовските медиуми.
Харадинај, за себе, рече дека е „американски војник на терен што извршува наредби“.
– Нашите ставови се слични на она за што се залага Америка, а оние што се на терен се свесни за тоа, а јас сум војник на Америка на терен – изјави Харадинај, па додаде дека тоа се однесува пред сѐ на Русија и на Србија.
Тој наведе и дека само „ги применува наредбите во однос на ситуацијата на теренот и оти верува дека со јакнењето на Косово јакнат и американските интереси и се тргаат руските и другите интереси“.
Харадинај поради воведувањето на поголемите такси за сто проценти за производите од Србија, од крајот на минатата година беше под санкции на САД, така што му беше оневозможено добивање виза, со што не можеше да присуствува на традиционалниот молитвен појадок во Вашингтон, кон почетокот на годината, иако беше повикан.