Не само што Берлинскиот процес создаде можност за напредок на поле на енергетиката, економијата, меѓучовечките контакти и дигиталната технологија, туку и придонесе за нова визија за регионот врз основа на цврста европска перспектива и регионална соработка.
Ова го изјави комесарот на Европската унија за проширување Јоханес Хан во интервју за „Јуропиен вестерн Балканс“.
– Берлинскиот процес постави конкретна визија за односите ЕУ – Западен Балкан. Во фокусот е регионалната соработка. Идејата е едноставна – да работиме заедно, да победуваме заедно. Ако нашите партнери не соработуваат на регионално ниво и задржат добри односи Западен Балкан нема да успее да оствари одржлив напредок на своите европски патишта. Таа суштинска идеа ќе остане значајна во следните години – изјави Хан.
Тој вели дека Берлинскиот процес ќе продолжи да поттикнува и мобилизира лидери во регионот да работат на регионална соработка.
– Регионот мора да покаже дека е подготвен да ја преземе својата судбина во раце, да премине од тешкото минато за да сподели иднина со ЕУ. Тоа зависи од државите во регионот. Берлинскиот процес може да понуди морков, но и стап ако е потребно – вели Хан.
Тој верува дека иднината на Западен Балкан е јасна и додава дека и ЕУ исто така е јасна за тоа прашање.
– Изјавите на претседателот Макрон не беа против проширување, туку се однесуваа на тајмингот поточно за редоследот – изјави Хан.
Тој додаде дека ЕУ ќе продолжи да дава помош, но мора да се исполнат условите за владеење на правото „и тоа не поради Брисел, туку поради своите граѓани“.