Солидаризирањето со сторителот на тројното убиство во Сплит е порака за нефункционалното општество во спроведувањето на правдата, сметаат експертите
Тројното убиство во Сплит не е прв случај во земјите од Балканот кога извршител на убиство ја придобива јавната поддршка од поголем број граѓани, кои сметаат дека убиените ја добиле „заслужената казна“ за своите недела. Во Македонија е познат случајот на старецот од кратовското планинско село Којково, кој со неговата немоќна и неподвижна сопруга беа жртви на разбојништво од двајца криминалци од Кочани. Дедо Љубе успеал да се одврзе и со оружјето што го чувал во трошната куќа ги застрелал двајцата разбојници во дворот, кои биле на заминување. Исто така, и граѓаните во Белград се солидаризираа со еден маж и бараа негово ослободување од вината, затоа што тој во својот дом го затекнал и го убил крадецот. Иако сите три наведени случаи немаат меѓусебна поврзаност и се разликуваат според мотивите и карактерите на лицата што се споменуваат како извршители на криминалните дела, тие се слични по широкото солидаризирање на јавноста за стореното „херојско дело“.
Социолозите и психолозите со кои се консултира „Јутарњи лист“ не се изненадени од ваквото однесување на пошироката заедница, затоа што тоа се случува и во другите земји, но предупредуваат дека поддршката на убијците на социјалните мрежи може да биде штетна и со несогледливи последици.
Дваесет и петгодишниот сплиќанец Филип Завадлав минатата сабота во центарот на градот уби три момчиња, во кои испука 36 куршуми. Мотивот на овој крвав поход на сплитските улици е одмазда, а како што информираа медиумите, убиецот последните месеци бил жртва на малтретирање, поради наводен долг што кон нив го имал неговиот брат. На социјалните мрежи набргу се формира фејсбук-група „Правда за Филип“, која беше направена како поддршка за тројниот убиец, која за кратко време собра 15.000 следбеници,. Групата беше укината, а потоа беше отворена нова, која собра над 12.000 лајкови. Некои од поддржувачите на Филип испраќаа и пораки за донирање средства за адвокатот што ќе го брани во судската постапка, а имаше и предлози за целосно ослободување на Завадлав.
– Што се однесува за самиот чин, овие настани не се некој посебен феномен. Не станува збор за нов феномен и за нешто што е неочекувано кога станува збор за насилството – изјави Анна-Мариа Гетош Калац, раководителка на Лабораторијата за истражување на насилство, во изјава за агенцијата „Хина“. Меѓутоа, таа посочува на интензитетот на реакциите со нагласена поддршка на трикратниот убиец од Сплит, што ретко може да се најде во другите држави, иако „култот на обожаватели на убијци“ е присутен, особено во САД.
– Кога постои казнено дело во кое мотивот е одмазда, луѓето се сензибилизираат со тоа и се соживуваат со состојбата. Татко на убиената ќерка ќе го пронајде нејзиниот убиец и ќе го убие. Тоа, секако, не смее и со закон е забрането, но сите ние интимно во себе си кажуваме: „Добро, така и му требаше“. Но последицата од широката јавна поддршка е копирајт-ефектот и земање на правдата во свои раце. На ова најмногу се подложни лицата што имаат такви лични карактеристики, особено ако тие се лабилни и имаат желба за медиумско внимание – објаснува Гетош Калац.
За експертите е дискутабилно дали јавната поддршка наедно е и повик за омраза и насилство, што во основа претставува казнено дело. Социологот Ренато Матиќ смета дека пораките за солидаризирање со тројниот убиец не се поддршка на опцијата луѓето да шетаат вооружени по улици и да делат правда.
– Ова е порака до одговорните во општеството дека хрватската држава не ја направиле правно уреден систем, туку оставиле отворена можност на оној што е посилен во одреден момент да извлече некоја дополнителна добивка. Опасно е да се истерува правдата на улица, но е поопасно од страна на општествените институции, да ја оставите таа можност како опција – вели Матиќ.
Професорот Небојша Блануша во текстот на „Јутарњи лист“ посочува дека солидаризирањето со лицето што ја дели правдата на улица може да се поврзе со порастот на авторитарната култура во општеството. Во Хрватска расте бројот на оние што мислат дека се потребни неколку одлучни личности што ќе ја променат состојбата и ќе го повлечат народот на прав пат.
– Ова покажува колку во општеството, кое не функционира, е лесно да се мобилизираат луѓе против системот. Постојат повеќе причини за тоа. Една од нив е медиумската слика за злосторството. Првите медиумски известувања беа доста „позитивни“. Беше пласирана приказната за чесно момче, кое има сигурна работа, но кое под притисокот на група криминалци, кои го загрозувале животот на најблиските, се одлучило на драстичен потег. Таа иницијална медиумска слика може да ги наведе луѓето, кои се огорчени од функционирањето на правната држава, да го третираат како херој – вели Блануша за „Јутарњи лист“.
Хрватските медиуми деновиве ја пренесоа и изјавата на мајката на Филип, која рече дека со синот нема никакви контакти, но дека тој имал и психички проблеми, а бил и наркозависник.