Турција се повлече од Европскиот договор за заштита на жените од насилство што го потпиша пред 10 години, а го носи името на нејзиниот најголем град.
Указот на претседателот Реџеп Таип Ердоган со кој се поништува ратификувањето на Истанбулската конвенција е удар врз поборниците за правата на жените, кои велат дека договорот е клучен за борба против семејното насилство, пишува Радио Слободна Европа.
Во Истанбулската конвенција е наведено дека мажите и жените имаат еднакви права и ги обврзува властите да преземат чекори за да спречат родово насилство врз жените, да ги заштитат жртвите и да ги гонат сторителите.
Критичарите на Истанбулската конвенција во Турција, тврдат дека овој договор го охрабрува разводот и го поткопува традиционалното семејство. Според нив, договорот ја промовира хомосексуалноста преку употреба на категории како пол, сексуална ориентација и родов идентитет.