Грција

Турција објави распоредување бродови за пребарување нафта и гас во спорната област на источниот Медитеран и со тоа ги зголеми тензиите со соседна Грција. Турските власти објавија дека истражувачкиот брод „Орук реис“ и два помошни брода ќе пребаруваат до 2 август, јужно од грчките острови Родос, Карпатос и Кастелоризо.
– Турција ја зголеми својата агресија кон Грција, Кипар и Европската Унија како целина – изјави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
Сојузниците во НАТО, Грција и Турција, се во судир околу правото на експлоатација на гас и нафта во регионот.

Европската Унија и Соединетите Американски Држави сѐ повеќе се критични кон Анкара за нејзината намера да ги прошири своите истражувања во области за кои Атина ги смета за свои. Турција тврди дека границите на областа за комерцијална експлоатација треба да бидат „еднакво“ сметани од грчките и турските крајбрежни линии, а не од грчките острови. Атина го отфрла ова како јасно кршење на меѓународното право.