Зголемениот ризик од коронавирусот е причина што туристите ги напуштаат грчките острови, а островот Парос е ставен во карантин
Грција
Епидемијата на кронавирусот во Грција покажува нагорен тренд, што беше причина грчката влада да донесе дополнителни мерки за да се спречи натамошното ширење на заразата. Во изминатите седум дена, од вирусот биле инфицирани над 900 лица, а последните денови дневниот број на заболени е над 150, што е многу полоша епидемиолошка слика од почетокот на епидемијата. Зголемениот ризик беше и причина за туристите да ги напуштаат грчките острови, а медиумите ја објавија информацијата дека островот Парос е во карантин. На Миконос, монденското место за одмор, бројот на заразени расте, додека во 21 регион во Грција е прогласен црвен аларм. Загрижувачка е состојбата и во Солун и во Атина, за каде што е најавено воведување на нови ограничувања. Вкупниот број на актуелни случаи во земјата е над 5.300, но смртноста е ниска, односно 212 случаи од почетокот на епидемијата во април.
Малиот остров Парос, кој е на еден час пловидба од Атина, е првото туристичко место во кое е воведен локален карантин. Деновиве биле регистрирани 30 позитивни случаи, а кризниот штаб одлучи до 19 август да се ограничи движењето на жителите и на туристите низ островот. Откажани се сите општествени манифестации, затворени се пазарите, забранети се собирањата на повеќе од десет лица. Кафулињата работат до 23 часот, а носењето на маските е задолжително на затворен и на отворен простор. По објавувањето на новите мерки, туристите почнале масовно да заминуваат, објави РТС.
Последните неколку години, поради економската криза, за многу странски гости летувањето на Миконос, Крф или Родос стана недостижно, а Парос стана алтернативна дестинација за странските гости. Многу клубови отворија свои локали на овој остров. Коронавирусот на островот беше раширен од една забава покрај базен. Со сериозни мерки се соочуваат и Солун и туристичките места на Халкидики, каде што за една недела биле регистрирани 184 заболени лица, а во Атина дополнителни 178 случаи. Во еден хотел во кој се сместени мигрантите е воведен карантин.
– Сѐ уште нема причина за паника, но доколку се зголеми бројот на тешките случаи и има поголем притисок на болниците, ќе има сериозни причини за загриженост – вели Матина Пагони, директорка на болницата „Атина-Пиреј“. Тој најави дека најголемиот бран на заболени се очекува околу 20 август, кога Грците се враќаат од одмори и по завршувањето на празниците.
Кризниот штаб во Грција ги забрани сите црковни собири поради претстојниот верски празник. До 31 август е во сила забраната за работа на ноќните клубови, барови и центрите за забава, доколку тие немаат услови за седење на сите посетители. Се разгледува и можноста за целосно затворање на овие објекти во местата што се најпогодени, што во основа значи и пропаст на годинашнава туристичка сезона. Пополнетоста на хотелските капацитети е околу 25 отсто, а за намалената посетеност на Грција влијаат и препораките во другите земји да се избегнува грчкото приморје поради короната.
Владата на премиерот Кирјакос Мицотакис воведе нови мерки против коронавирусот, кои се однесуваат на откажување на Меѓународниот саем во Солун. Една од шесте мерки што беа објавени завчера е и забрана за работа на угостителските објекти, кафулињата, ноќните клубови и слично од полноќ до седум часот наутро на островот Крит, во регионот Источна Македонија и Тракија, во Солун, Лариса, Волос, Катерини, на Халкидики, како и на островите Крф, Миконос, Парос, Санторини, Родос, Андипарос, Закинтос и Кос. Забраната ќе важи до 23 август, но во зависност од епидемиолошките податоци, може да се прошири и во други делови на земјата.
Во однос на туристите, за сите оние што од 17 август ќе пристигнат во Грција со летови од Шведска, Чешка, Белгија, Шпанија и Холандија, задолжителен е негативен ПЦР-тест направен 72 часа пред патувањето. Истото важи и за сите оние што од 17 август ќе влезат во Грција преку копнените граници, вклучувајќи ги и грчките граѓани и оние што имаат дозвола за престој, а тестот треба да биде направен во земјата од која влегуваат, а не во Грција.