Досегашните режими во земјите од Западен Балкан не се спротивставуваат на оваа практика, знаејќи дека тоа е дел од системот и дека овој вид режимска толеранција на конвенционалната корупција е дел за купување на лојалноста и основа за освојување или останување на власт
Извештај на Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал
Корупцијата, митото и непотизмот станаа составен дел на културата на Западен Балкан, особено кога треба да се остварат јавните права и услугите во здравството и образованието, се заклучува во последниот извештај на Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал (ГИ-ТОЦ), во чија изработка учествуваа експерти за антикорупциско и цивилно општество од регионот. На самитот во Лондон, во 2018 година, владите на земјите од Западен Балкан се обврзале на борба против корупцијата во рамките на Берлинскиот процес, иницијатива што е насочена кон јакнење на регионалната соработка меѓу земјите од Западен Балкан. Наедно, иницијативата би требало да помогне за интеграција на овој неразвиен дел на Европа, пренесува „Ал џезира“.
По три години од преземањето на обврските што произлегуваат од Берлинскиот процес, земјите во регионот сѐ уште немаат доследни и одлучни мерки за спроведување на антикорупциските стратегии, иако има извесен напредок во одредени области. Во извештајот се наведува дека ветувањата за борба против корупцијата не се сфатени сериозно.
Поединци, групи и владите на земјите од Западен Балкан и натаму се вмешани во голем број незаконски работи, вклучувајќи и во нерегуларно финансирање на политичките партии и изборите, измами во постапките на јавните набавки и приватизацијата и во други незаконитости. Важна забелешка е таа што судските институции постапуваат селективно.
Угљеша Звекиќ, советник во ГИ-ТОЦ и професор на Универзитетот во Рим и во Милано, вели дека некои граѓани го користат митото во сопствена корист, за да ги избегнат прописите. Некои, пак, пристапуваат кон потплатување, за да можат на полесен и поефикасен начин да го остварат тоа на кое имаат право, но не се во можност да го направат тоа поради бавната или лошо организирана бирократија.
– Честото подмитување е резултат на лошата работа на јавната бирократија или ограничените можности за пристап на квалитетни јавни услуги. Непотизмот при вработувањето во јавната администрација е раширена појава на Балканот. Државните фирми се најголем работодавец, а вработувањето во нив дава поголем степен на социјална сигурност, повисоки плати и пензии. Затоа не изненадува и раширената појава за потплатување или користењето лични врски, наместо вработувањето да биде транспарентно засновано на принципот на почитување вредности – изјави Звекиќ за „Ал џезира“.
На Балканот постои изразена толеранција на корупцијата, а тоа еднакво се однесува како на „конвенционалната“ корупција така и на „организираната“ корупција. Според Звекиќ, ваквиот културен образец на Балканот има свои длабоки историски и политички корени. Досегашните режими не се спротивставуваат на оваа практика, знаејќи дека тоа е дел од системот и дека овој вид режимска толеранција на конвенционалната корупција е дел за купување на лојалноста и основа за освојување или останување на власт.
– Во Западен Балкан речиси нема закон со кој јасно се воведува принципот на „нулта толеранција“ во јавната администрација и давање на јавните услуги: од комуналните служби до здравството, пензионирањето и образованието. Купувањето дипломи е раширена појава, како на државните така и на приватните образовни институции – објаснува Звекиќ.
Сунчана Роксандиќ, професорка по Казнено право на Правниот факултет на Универзитетот во Загреб, вели дека корупцијата не е карактеристика само на државите во регионот.
– Но кога корупцијата, особено корупцијата што е системска и широкораспространета, станува организирана до таа мера што без неа е невозможно да се функционира, тогаш проблемот станува енормен. Верувам дека државите во регионот може да постигнат напредок во сите области со подобра организација, но тоа не е можно ако владее организираната корупција – вели Роксандиќ.
Професорот Угљеша Звекиќ е оптимист и верува дека со одредени контролни потези и квалитетен менаџмент во јавната управа може ефикасно да се намали прагот на толеранција кон „нулта“ точка.
– Ова потешко може да се направи кај организираната корупција, каде што интересите се многу повисоки, а актерите многу помоќни, а секако и подобро организирани да ја избегнат контролата над корупцијата. За намалување на организираната корупција се потребни големи и радикални потези во економско-финансискиот, политичкиот и криминалниот естаблишмент на Балканот. Ова е можно да се постигне. Потребна е антикорупциска мобилизација на цивилното општество и интелигенција. Ова е важен процес не само против корупцијата туку и над сѐ на културен план и на планот на демократизација на политичките односи на Балканот. Потребна е сериозна системска, морална, културна и политичка посветеност – заклучува Звекиќ.