Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг се сретна со косовскиот премиер Авдулах Хоти во седиштето на Алијансата во Брисел, каде што разговараа за актуелните случувања на Западен Балкан на нивната прва меѓусебна средба.
Столтенберг изрази одобрување за последната рунда преговори помеѓу Белград и Приштина под покровителство на ЕУ, потенцирајќи дека дијалогот е единствениот начин за постигнување на трајно политичко решение на Западен Балкан. Тој и Хоти дискутираа и за договорот за нормализирање на економските односи помеѓу Белград и Приштина, постигнат во Вашингтон.
Генералниот секретар на НАТО нагласи и дека Алијансата е цврсто посветена кон стабилноста на Западен Балкан преку силите на КФОР на Косово кои бројат 3.500 припадници.
Во поглед на пандемијата на ковид-19, Столтенберг изрази задоволство што членките и партнерите на НАТО веќе пружија значителна медицинска помош за институциите на Косово, како и поради тоа што КФОР пружа директна поддршка за дистрибуција на залихите. Тој додаде и дека НАТО ги разгледува можностите за понатамошна поддршка на Косово во справувањето со пандемијата.