Додека во САД се подготвуваат претседателските избори и во фокусот на тамошната јавност не се Балканот и неговите проблеми, во Европа нема двоумење дали ќе има некаква промена на веќе договореното помеѓу Белград и Приштина. Според Брисел, конечното решение за спорот меѓу Белград и Приштина ќе се постигне во наредните месеци, а не години
Спроведувањето на економската нормализација меѓу Белград и Приштина во фокусот на Западот
Иако Америка е во предизборен период, а администрацијата на актуелниот претседател Доналд Трамп беше посредник во историскиот важен економски договор меѓу Белград и Приштина, некои од западните експерти се прашуваат дали поради резултатите на изборите во САД, но и евентуалната смена на власта во Вашингтон би дошло до некаква промена во посветеноста за реализација на договореното. Според одредени балкански експерти, интересот на администрацијата на Трамп за еден од најнерешливите проблеми во регионот се очекува да продолжи слично како и долготрајната американска политика кон регионот.
– Многумина од нас размислуваа добро, тој само ќе го игнорира регионот и нема да направи штета. Но Трамп дефинитивно се замеша – изјави за РСЕ Тања Доми, професорка на универзитетот „Колумбија“ и експертка за Балканот. Како што објаснува професорката за РСЕ, вклучувањето на САД во групата држави, меѓу Јадранско, Средоземно и Црно Море што ја сочинуваа Југославија до 1991 година, се намали во последните две децении, бидејќи војните за независност беа заменети со кревок мир во Босна и Херцеговина и во Косово.
Паралелно на ова и вниманието на Белата куќа се префрли од Европа кон Авганистан и Блискиот Исток по терористичките напади на Соединетите Американски Држави на 11 септември 2001 година.
Во исто време, други регионални аналитичари ја доведуваат во прашање посветеноста на администрацијата да биде длабоко вклучена во комплицираната политика на Балканот. Дел од нив дури сметаат дека церемонијата за потпишување во Белата куќа била водена од желбата на администрацијата да покаже победа во надворешната политика пред изборите во ноември.
– Немаше вистински стратегиски пристап или планирање за решавање на српско-косовскиот спор, туку тоа беше еден вид пиар-настан што беше многу важен за кампањата – вели за РСЕ Мајда Руге, аналитичарка за Балканот во Европскиот совет за надворешни односи во Берлин.
Во меѓувреме, додека во САД се подготвуваат претседателските избори и во фокусот на вниманието не се Балканот и неговите проблеми, во Европа нема двоумење дали ќе има некаква промена на веќе договореното помеѓу Белград и Приштина.
Имено, шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, вчера изјави дека конечното решение за спорот меѓу Белград и Приштина ќе се постигне во наредните месеци, а не години. Сепак, како што вели тој, условот за тоа е двете страни да размислуваат конструктивно.
Борел на тој начин им одговори на прашањата на новинарите дали е точен заклучокот дека дијалогот е во застој, бидејќи двете страни не можат да се договорат за темата на преговорите.
Високиот претставник на ЕУ рече дека и Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти истакнале приврзаност кон европската интеграција и дека тие „знаат дека какво и да биде решението за конфликтот Белград – Приштина, тоа е важен услов за напредок кон Европската Унија“. Паралелно на ова, министрите на ЕУ се решени дијалогот успешно да заврши и побараа од Белград и од Приштина да преговараат „во добра вера и духот на компромис“, изјавил Борел и нагласил дека „успехот на тој дијалог е од клучно значење за стабилноста на регионот и самата Европска Унија“.