Косовскиот премиер Рамуш Харадинај ѝ порача на својата српска колешка Ана Брнабиќ дека сѐ додека Србија продолжува да работи против Косово, таксата од 100 отсто на увозот на српски производи нема да се укине, јави дописникот на МИА од Приштина.
Српската премиерка изјави за РТС дека Белград ќе биде подготвен да го продолжи дијалогот со Приштина само откако Владата на Харадинај ќе ја повлече спорната одлука.
Косовскиот премиер го коментира и писмото со кое Брнабиќ го повика албанскиот премиер Еди Рама да го преиспита признавањето на Косово, нарекувајќи го „бесрамно“ барање.
Косовската влада, во декември годинава, воведе високи царини за увезената стока од Босна и Херцеговина и од централна Србија, поради што меѓусебната трговска размена се намали на 290.000 евра, во споредба со истиот месец од лани кога размената изнесуваше 40 милиони евра, објави агенцијата Срна.
Портпаролот на косовската царина, Адриатик Ставилеци, изјави дека извозот од БиХ и Србија од 21 ноември, кога се воведени таксите од 100 отсто, е сведен на минимум, а моментално се увезуваат само суровини. Производите од Србија и од БиХ се заменети со увоз од Италија, Турција и од Хрватска, а на полиците во трговските објекти има производи и од Грција и од Бугарија, објави Радио Сараево.
Од косовската влада во декември беа издадени 145 царински декларации за увоз на производи од централна Србија, во вкупна вредност од 250.509 евра и 29 царински декларации за стоки од БиХ во вредност од 41.059 евра. Според податоците на царинската служба, од граничните премини на Јариње, Бела Земја и Мердаре се вратени повеќе десетици камиони, кои немале соодветна ознака за „земјата увозник“.
Камионите се вратени во текот на првите десет дена од стапување во сила на одлуката за стопроцентно царинење на стоките од централна Србија и од БиХ.
– Во последните дваесет дена на преминот не е вратен ниеден камион со производи, бидејќи увозниците знаат дека имаат обврска на амбалажата да стои ознаката „Косово“. Производите со декларациите „Косово и Метохија“, „УНМИК-Косово“ или „Косово Резолуција 1244“ не може да се увезуваат ни да се царинат – вели Стравилеци.
Еден месец по воведување на царинската бариера, во продавниците во Косово што се сопственост на Албанци, нема производи од БиХ и од централна Србија. Магацините во сопственост на Србите се затворени или во нив има производи со истечен рок на употреба. Поради оваа одлука, десетици работници остануваат без работа и сега малопродажните објекти во српските средини се снабдуваат со стока од магацините во сопственост на Албанците.
Брашното, млекото, сирењето и други прехранбени производи се продаваат по цена повисока за 35 до 45 отсто, а маслото за јадење од Грција и од Италија е поскапо за 80 центи во однос на она што се набавува од централна Србија.
Најголем раст на цените е забележан во индустријата на месо, а килограм говедско месо жива мера порасна на 1,85 цент по килограм, а суво говедско месо се продава по цени од 12 до 18 евра по килограм.