Ситуацијата во Косовска Митровица, по акцијата на РОСУ, утринава е мирна, јавува „Танјуг“.
Еден ден по упадот на специјалците на северот на Косово, на главниот плоштад во Северна Митровица на пладне ќе биде одржан протест на Србите. Претседателот на Српската листа, Горан Ракиќ, за РТС изјавил дека целта на протестот е да покаже единство и дека Србите сакаат мир.
-Сакаме да им покажеме на Приштина и на меѓународната заедница колку нè има и дека не нè исплашија акциите на РОСУ и специјалните сили, дека ќе останеме и дека ќе ги браниме своите домови, рекол Ракиќ.
Најави дека ќе го активира кризниот штаб и дека ќе донесуваат одлуки од минута во минута.
Специјалната единица на косовската полиција вчера упадна на територија на сите четири општини со мнозинско српско население на северот на Косово и Метохија со образложение дека станува збор за акција против организиран криминал. Косовската полиција соопшти дека во акцијата се уапсени 19 полицајци, меѓу кои 11 Срби и по четири Албанци и Бошњаци.
Од Обвинителството во Приштина соопштија дека не се уапсени сите осомничени и дека се очекува акцијата да продолжи.
Адвокатот на еден од уапсените рекол дека кон неговиот клиент е користена прекумерна сила, дека има повреди по рацете и главата.