Земјотрес со јачина од 4,7 степени ја погоди централна Турција, објави Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД).
АФАД на својата официјална веб-страница објави дека земјотресот се случил во 18.51 часот по локално време во областа Тузлукчу. Земјотресот бил на длабочина од седум километри.
– Досега не се пријавени жртви – напиша министерот за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, на „Твитер“.
Во истата област биле регистрирани уште два земјотреса со јачина од 4 степени во 18.52 часот и од 4,1 степени во 18.33 часот.
Турција е меѓу најсеизмички активните зони во светот. Минатиот октомври силен земјотрес со јачина од 6,6 степени ја погоди егејската провинција Измир, при што загинаа најмалку 116 лица, а над 1.000 беа повредени.