На Технолошкиот факултет во центарот на Белград, синоќа околу еден часот по полноќ, одекнала силна експлозија по што избил пожар.
Како што пренесуваат српските медиуми, во експлозијата нема повредени но направена е голема материјална штета.
Експлозијата се случила во лабораторијата по органска хемија, што е просторија од околу 150 квадратни метри. Според информациите, во кабинетот експлодирал ладилник со хемикалии чиј мотор се прегреал.
Пожарникарите брзо интервенирале и успеале да го локализираат пожарот, а полицијата ги блокирала околните улици.
Последните новости укажуваат дека факултетот од утрово нормално работи и нема опасност од испарување, иако претходно некои медиуми објавија дека има висока концентрација на штетни гасови во објектот.