Рокот за проверка на државјанството на поранешниот министер за економија Кирил Петков е продолжен до средината на декември, пренесуваат бугарските медиуми. Кон крајот на август, бугарското обвинителство преку електронска пошта било информирано дека Петков поседува и бугарско и канадско државјанство.
Бугарското обвинителство соопшти дека речиси еден месец се проверуваат информациите за наводното двојно државјанство на Кирил Петков, кој претендира да биде идниот бугарски премиер.
Претходно бугарското обвинителство информираше дека од Уставниот суд ќе бидат побарани сите материјали кои се поврзани со случајот, а според информациите на „БНР“ тоа веќе е сторено.
За ова прашање, Христо Крстев, портпаролот на специјалното обвинителство, објасни дека продолжувањето на рокот е со конечна дата и дека се чекаат документи од Антикорупциската комисија, на која, како министер, Петков имал обврска да поднесе изјава.
По овој датум, обвинителството ќе има рок уште ден месец за да се изјасни дали има докази за сторено кривично дело од страна на Петков, рече портпаролот на специјалното обвинителство, а пренесува „БГНЕС“.