На Косово ноќта помина тензично, но мирно по распоредувањето на специјалните единици Росу низ северот на провинцијата.
Српскиот претседател Александар Вучиќ за денеска во 10 часот најави одржување итна седница на Советот за национална безбедност, на која главна тема ќе бидат настаните во Косово и Метохија.
По Јариње, транспаренти со натпис „Добредојдовте во Заедницата на српски општини“ се појавија синоќа во северниот дел на Косовска Митровица, пренесува Косово онлајн. Како што се наведува, плакатите биле поставени на влезот во градот, како и во самиот град.
Претходно, граѓаните кои протестираа во Јариње поради „мерките за реципроцитет“ воведени од Приштина, изработија транспарент на кој пишуваше „Добредојдовте во Унијата на српски општини“.
Новинарот на Танјуг, исто така, забележува дека вчера над оваа област летале хеликоптери на силите на КФОР, кои оцениле дека ситуацијата на терен е стабилна.
На административните премини, Јариње, Брњак и Мердаре ги одземаат регистарските таблички од северот на Косово, а возилата со знаци од централна Србија мора да земат тест таблички и да платат такса, која чини пет евра и важи два месеци.
Синоќа во Јариње имаше само неколку автомобили од правец кон централна Србија. Преминот, како и на Брњак, може да се помине само пеш, пишува РТС.
Косовската полиција употреби солзавец во близина на контролниот пункт Брњак, но насобраните Срби не се оддалечија од местото каде што протестираат.