Членовите на Комисијата на косовска влада за демаркација на границата, со собирање документација, почнаа со подготовки за обележување на линијата со централна Србија, изјави претседателот на комисијата Шпејтим Булиќи.
Тој додаде дека „не гледа пречка за обележување на граничната линија”, јави РТ Србија, повикувајќи се на приштински медиуми.
– Подготовките во Комисијата, собирање документација и изготвување на стратегијата, започнаа по барање на косовскиот премиер Рамуш Харадинај. Во оваа ситуација има одредени промени во граничните линии што се случија во одредени периоди. Но, сите тие промени што се случија на граничната линија, се покриени со документација и политички одлуки од одредени периоди, рече Булиќи.
Може да се очекува дека на следниот состанок на косовскиот претседател Хашим Тачи и српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел да се разговара за прашањето за корекција на границите, јави РТС.
Приштинските аналитичари истакнуваат дека ниту една институција нема право да одлучува за територија, федерации, мир, надворешен долг, освен косовското Собрание.