Земјите од Западен Балкан се пред нови предизвици: неизвесен политички трансфер на централната и локалната власт и соочување на демократските сили со корумпираните владејачки структури, но и со целосно блокирање на процесот на проширување на Европската Унија. Од успехот во решавањето на проблемите зависи и иднината на регионот
Во последните месеци од годината, покрај влошување на здравствената состојба поради зголемениот број заразени од коронавирусот, земјите од Западен Балкан поминуваат низ специфичен и турбулентен политички процес. Црна Гора и Босна и Херцеговина, кои поминаа со изборот за централна и локална власт, се наоѓаат пред нови внатрешни прегрупирања на политичките сили. Односите меѓу Србија и Косово се наоѓаат во постојаниот „вакуум“ во кој се настојува да се одржи некаков пристоен дијалог. Како ново „жариште“ се јавува и нарушувањето на релациите меѓу Македонија и Бугарија, која се обиде да го искористи членството во Европската Унија и стави вето на почетокот пристапните преговори за нашата држава. По отворањето на судските процеси во Хаг, против водството на поранешната ОВК, Косово е на прагот на нови внатрешни политички поделби и борби за освојување на власта.
Во Босна и Херцеговина, во која многу години на власт се етничките партии, има знаци на промени, но прашање е колку тие можат да влијаат и на менувањето на целокупната политичка клима во земјата. Насочувањето на изборната кампања за локалните избори со поттикнување на етничките тензии не им донесе успех на главните етнички партии во БиХ, кои на последните локални избори ги изгубија главните центри Сараево и Бања Лука.
Дали новиот политички бран во БиХ ќе се пренесе на следните парламентарни избори, засега е неизвесно, но гласачите во БиХ го направија првиот исчекор за смена на политиките, кои долго време се самоодржуваат на власт со поттикнување верска и етничка нетрпеливост меѓу граѓаните.
– Без Сараево, националистичката партија СДА нема да биде во состојба да ги одржи власта и моќта, а нејзиниот лидер Бакир Изетбеговиќ по изборниот ден пркосно најави дека партијата го изгубила Сараево, но останува најсилна партија во Босна. Но тоа не звучеше уверливо – беа дел од коментарите на германските весници, кои се посветија на изборните резултати од локалните избори во БиХ.
СНДС, партијата на Милорад Додик, која е доминантна во Република Српска, доживеа пораз на изборите за градоначалник на Бања Лука од младиот политички противник од либералната ПДП Драшко Станивуковиќ, кој освои најмногу гласови на локалните избори во БиХ. Додик го призна поразот во Бања Лука, но напомена дека неговата СНДС сѐ уште е најголема партија во РС, а го има и мнозинството во советот на Бања Лука.
Прогнозите на аналитичарите се дека Драшко Станивуковиќ има шанси да биде политичар како што се очекува во БиХ, но „под услов да не кокетира со национализмот“. Како главни причини за поразот на националните партии е намерата на граѓаните да ги казнат за корупциските афери и за негативната кампања, особено на подрачјето на Сараево.
– Крупните промени во големите градови значат плурализација на политичката сцена во РС, но и во некои хрватски подрачја, што е значајно за цела БиХ – вели политичкиот аналитичар Шарко Папиќ за „Дојче веле“.
Состојбата во Црна Гора е статус кво, по парламентарните избори во кои Мило Ѓукановиќ, по дводецениското владеење на неговата партија, не успеа да формира ново парламентарно мнозинство. Доскорешниот владејачки систем, кој се засноваше на „црногорскиот патриотизам“, се чини ќе биде заменет со друг национализам, кој ќе биде дополнет со клерикализмот во Црна Гора, е ставот на Божена Јелушиќ од граѓанското движење УРА, по нагласеното влијание на свештенството на СПЦ во текот на целиот изборен процес и при меѓупартиските преговори за формирање ново владејачко мнозинство.
– Се чини во Црна Гора има показатели за клерикализам што во суштина е спротивен и не одговара на религиските и верските чувства, туку претставува обид на црквата да се наметне како политички фактор на јавната сцена – вели Јелушиќ за Радио Слободна Европа.
Борис Раониќ од Граѓанската алијанса потсетува на претходната власт на Демократската партија на социјалистите, која го величаше националниот дискурс, кој испровоцира раѓање на друг национален фронт.
– Ние сега имаме предлог за влада што ја сочинуваат луѓе блиски на Српската православна црква во Црна Гора. Во нашето црногорско општество, кое негува таков вид екстремизам, тоа може да биде опасно. Вистински момент е, пред гласањето за новата влада, јасно да се каже во кој правец ќе тргне мнозинска Црна Гора и да се каже дали ќе се негуваат антифашистичките вредности и ќе се гради секуларно уредување или во спротивно брзо ќе се изгуби потребното мнозинство – посочува Раониќ.
Моменталниот судир меѓу Бугарија и Македонија, кој произлегува од различните погледи за историјата, е поттикнат пред сѐ од актуелната политичка тема во Софија – реизборот на бугарската владејачка коалиција, предводена од партијата на премиерот Бојко Борисов. Бугарското вето за почетокот на преговорите за пристапување на Македонија во Европската Унија ќе се одрази и на процесот на проширување на европската заедница кон Западен Балкан, а може сериозно да го наруши и кредибилитетот на ЕУ, се коментарите на меѓународните набљудувачи, што ги пренесе Б92.
Опстанокот на бугарската влада на чело со ГЕРБ, која со месеци се соочува со обвинувањата за висока корупција и со масовни демонстрации од опозицискиот фронт, во голема мера зависи од поддршката на националистичкиот блок на Обединети патриоти, односно од коалицискиот партнер ВМРО на Красимир Каракачанов
– На неуспесите на здравствената и економската политика, нашата влада ќе додаде уште еден, а тоа е нарушувањето на односите со Македонија. Бугарското вето е предизборен трик. Овој облик на политика не може и не смее да биде предизборен потег – вели Радан Канев, член на Европскиот парламент.
Љубомир Кјучков, директор на Институтот за економија и меѓународни односи во Софија, предупредува дека блокадата на Македонија ќе ја стави Бугарија во меѓународна изолација, пренесува Б92.